/ Прочитано:

3.710

ПРЕСУДА „Метастаза“: Од 2, 5 до 3 години затвор за организаторите и посредниците, останатите со условни казни

Понеделник, 22 октомври 2012 – Судот одлучи, поранешниот претседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност Сашо Јосимовски и тогашниот потпретседател, второобвинетата Љубица Величкова добија по две и пол години затворски казни. Највисоката казна му беше одредена на четвртообвинетиот, Љупчо Бутевски, кој според пресудата бил еден од главните посредници при издавањето на инвалидски пензии. Третообвинетиот, Азем Кофрц кој исто така бил посредник доби казна затвор од две и пол години. Повеќето доктори и посредници добија условни казни од една и пол година, а сите заедно се задолжени солидарно да ја надоместат штетата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во износ од околу 250.000 евра.

Голем дел од обвинетите беа во притвор повеќе од година, по што со кауција беа пуштени да се браната од слобода. Првообвинетиот, кардиологот Сашо Јосимовски беше во притвор од пролетта 2010 година  до 27.04. 2011 кога со решение од Кривичниот совет беше пуштен да се брани од слобода. Судот како гаранција го прифати недвижниот имот вреден повеќе од половина милион евра што го понуди Јосимовски. 

Првообвинетиот Сашо Јосимовски (фото: akademik.mk)

Судот пресуди, 21 условни казни во времетраење од 1 до 1 и пол година и 17 затворски казни во времетраење од 1 д0 3 години. За сите обвинети доктори судот даде забрана за учество во Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност. Дел од обвинетите беа во притвор околу една година, па од единствената казна им преостанува да одлежат уште една година затвор. 

Докторите, службениците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, посредниците на потенцијалните баратели на инвалидски пензии во текот на двегодишниот процес се обидуваа да му докажат на судијата Ѓоко Ристов, дека не издавале лажни дијагнози и не врбувале луѓе за да земат мито. 38-те обвинети негираа дека се криминалци, дел од нив со емотивно изјави, а дел се бранеа со молчење. За одбраната, доказите на обвинителството дека тие создале злосторничка група и ја злоупотребиле својата функција, односно примале мито за да издаваат инвалидски пензии, се неосновани.

фото: akademik.mk

Според обвинението по предметот за случајот Метастаза, доктори и службеници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и нивни посредници, за пари им посредувале на барателите на пензии да се стекнат со правото на користење на инвалидска пензија. Членовите на лекарските комисии и посредниците наводно барале од 1500 до 4000 евра. За секој барател сумата била различна во зависност од тоа каква документација треба да се извади. Групата дејствувала 2 години, а докторите и посредниците наводно заработиле 165.000 евра и го оштетиле Фондот на ПИОМ за 53.000 евра.

>> Предметот за случајот „Метастаза“ проследете го  тука.

Тек на рочиштето

10:10 – Судијата Ѓоко Ристов ја прочита пресудата. Во истата стои дека групата е оформена во 2008 година, а ја создале првообвинетиот Сашо Јосимовски и второбoвинетата Љубица Величкова како претседател и потпретседател на Комисијата за ревизија за утврдување на инвалидност. Дијагнозите што ги издавале обвинетите доктори биле од психичка природа, тешки за докажување. Во различни клиники се пишувале различни болести, а сето тоа се случувало 2 до 3 недели пред целокупната документација да биде предадена пред Комисијата. Од исказот на загрозениот сведок судот утврдил дека тој ја познава организациската шема како се стасува до документација, дека барателите плаќале од 3000 до 3500 евра без разлика дали тие се болни  или здрави, 1200 евра оделе кај комисијата, останатите ги делеле посредниците и докторите што пишувале дијагнози. Некои од сведоците никогаш не биле на лекар, ниту отишле пред комисијата, а сепак добиле инвалидска пензија. 

фото: akademik.mk

10:00 – Судењето почна, судијата утврди дека сите обвинети заедно со своите адвокати се присутни во судницата.