/ Прочитано:

1.640

Пресуда на Европскиот суд за човекови права во корист на Бекташиската заедница

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за предметот „Бекташиската заедница и други против Република Македонија“. Со пресудата, која е во корист на Бекташиската заедница, се  утврдува повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Во жалбата, посочуваат од Европскиот суд за човековите права, жалителите истакнуваат дека домашните органи одбиле да го признаат здружението апликант како верски ентитет во двата сета постапки, и покрај фактот дека тоа постоело и функционирало многу години пред влегувањето во сила на Законот за правниот статус на црквите, верските заедници и религиозните групи од 2007 година. Имено, како што се укажува во пресудата, Бекташиската заедница претходно била регистрирана во согласност со Законот за верските заедници и религиозните групи кој стапил во сила во 1997 година.

Континуиран правен субјективитет

Здружението жалител, образложуваат од ЕСЧП, застапувано од адвокатите Александар и Драган Гоџо од Охрид, пред Судот во Стразбур се жалеше дека одбивањето од страна на националните институции да му го признаат континуираниот правен субјективитет на религиозен правен субјект и да му дозволат да се регистрира во согласност со законодавството е повреда на Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи.

Бекташискиот ред постоел и ја практикувал својата религија во државата повикана на одговорност многу векови наназад. Седиштето на здружението апликант било во „Теќе Серсем-Харабати Баба“ во Тетово. Сè додека на здружението апликант му била одбиена регистрацијата во 2010, тоа ја практикувало својата религија во целосна согласност со тогаш релевантното законодавство.

Осврнувајќи се на заднината и историјатот на случајот, во пресудата на ЕСЧП се вели дека на 22 ноември 2010 година здружението апликант претставувано од страна на локални адвокати овластени да дејствуваат во негово име од страна на вториот апликант поднеле барање за регистрација во судскиот регистар на „Бекташиската верска заедница на Република Македонија”. Во прилог биле поднесени неколку документи, вклучително и опис на верското учење.

Регистрациониот суд одбил да го регистрира здружението жалител поради тоа што називот „Бекташиска” веќе бил содржан во називот на регистриран верски субјект; потоа, поради тоа што изворите на верското учење биле исти како и изворите на верското учење на друг веќе регистриран верски субјект; и поради тоа што  здружението апликант не поднело доказ за сопственост на „Арабати Баба“ објект во Тетово, кој бил наведен како седиште во барањето за регистрација.

Бекташиската заедница ги оспорила основите на кои регистрациониот суд ја засновал својата одлука за одбивање на регистрацијата. Таа тврдела дека не постои друго верско здружение регистрирано под истото име. Во врска со ова, здружението истакнало дека постојат шест регистрирани здруженија кои го содржат називот „христијанско“ во нивното име и две здруженија кои во своето име го имаат називот „исламско”.

„Идејата на Законот од 2007 не била да ја забрани употребата на поими кои се генерички и на чија употреба не постои ексклузивитет. Спротивното би значело дека законот дозволува регистрација само на едно здружение кое во своето име го има називот христијанско, исламско, бекташиско, еврејско, тарикатско, будистичко, зен или зорастрејско“, се посочува во пресудата.

Судот се впуштил во толкување на изворите на учење

Во врска со изворите на верско учење, Заедницата тврдела  дека тие не може да се сметаат за официјални обележја во смисла на Законот од 2007. Изворите на учење можеле да бидат исти за повеќе верски субјекти (како што Библијата е заедничка за православните христијани и за католиците, а Коранот за исламската верска заедница, бекташискиот ред и шиите или сунити во рамките на исламот).

Станувало збор за извори кои се од идеолошка природа и не се константни, ниту пак така требало да бидат интерпретирани. Обележјата се однесувале на симболи (крстови, полумесечина, графички симболи), знаме или тотем, кои имале определено значење. Во оваа смисла, здружението навело дека толкувањето што го дал судот во врска со изворите на учење, односно дека тие биле идентични со изворите на учење на секое исламско учење, било погрешно.

Самиот факт, истакнале од  Бекташиската заедница, дека судот се впуштил во толкување на нејзините извори на учење имплицирал дека државата не е одвоена од религијата. Исто така, одбивањето на регистрацијата било дискриминаторски.

Слобода на мислење, совест и вера

Конкретно, во предметот судот утврдува повредна членот 11 од Конвенцијата, кој се однесува на слобода на собирање и здружување, но толкуван во смисла на членот 9  кој се однесува на слобода на мислење, совест и вера, и кој гласи:

„Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.

Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни воедно демократско општество.“

Во овој предмет, како што е навадено во пресудата на ЕСЧП, Република Македонија  по правосилноста на пресудата на жалителот  треба да му исплати  5.000 евра  за надомест на нематеријалната штета и 2.000 евра за надомест на трошоците.

М.В