/Прочитано:

1.152

Пресуда на Стразбур за случајот „Рамковски против РМ“: Повредени се одредби од Конвенцијата 

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за предметот „Рамковски против Република Македонија“. Пресудата е во корист на жалителите Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска. Тие се жалеле до Судот во Стразбур за повреда на нивните човекови права во врска со одредувањето мерка притвор и неговата должина во судскиот процес „Пајажина“, кој се водеше против нив и против дваесетина управители и основачи на фирми осомничени и обвинети за затајување на данок, перење на пари и злосторничко здружување.

Според Судот во Стразбур, во овој случај постои повреда на членот 5, ставот 3 на Европската конвенција за заштита на човековите права во врска со правото на слобода и непостоење на причините за притвор, но не постои повреда во однос на членот 6 од Конвенцијата, кој се однесува на правото на правична судска постапка.

Секој човек има право на слобода и на безбедност и никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на закон, се пропишува, меѓу другото во членот 5 на Конвенцијата, за кој ЕСЧП утврди повреда. Судот во Стразбур во својата пресуда вели дека е досудена парична отштета  од 780 евра за секој од двајцата жалители.

М.В