/ Прочитано:

4.612

ПРЕСУДА ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН КОЈ НЕ ПЛАЌАЛ СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Нема правен основ за наплата на сметки за невклучено парно греење

Граѓанин, сопственик на стан каде никогаш не било вклучено парно греење, му биле доставувани сметки за паушален надомест по основ на т.н. пасивен корисник. Тој бил тужен од страна на „БЕГ“, но првостепената и второстепената пресуда се во негова корист – не постои правен основ за наплата на сметките, појаснува неговиот адвокат, Владимир Кацарски.

На граѓанин, сопственик на стан каде никогаш не било вклучено парно греење, му биле доставувани сметки за паушален надомест по основ на т.н. пасивен корисник. Граѓанинот не ги плаќал сметките затоа што сметал дека има такво право, односно сметал дека не постоело правен основ за наплата на сметките. Заради неговото неплаќање на сметките, тој бил тужен од страна на „БЕГ“.

Нема правен основ сметките да се наплатуваат

Основниот суд Скопје 2, како првостепен суд, по приговорот на граѓанинот, оценил дека не постоело прaвен основ сметките да се наплатуваат. Апелациониот суд Скопје, ја одбил  жалбата на тужителот „БЕГ“ како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 2 .

Патот од поднесувањето на приговорот на платниот налог до добивање на првостепената пресуда воопшто не бил лесен, образложува неговиот адвокат Владимир Кацарски, кој нагласува дека од големо значење е што со ваквата пресуда се создава, како што вели, нова судска пракса.

Сизифовска работа

„Постојаниот притисок од досегашната најчесто негативна судска практика беше потребно да се совлада. Предложените докази од страната на мојот клиент како и побивањето на доказите од спротивната страна беше сизифовска работа. За среќа на граѓанинот – тужениот од страна на БЕГ, имавме меѓусебна отворена и редовна соработка. Редовниот однос клиент – адвокат неминовно допринесе за оваа позитивна разрешница. Исто така, доследното почитување на словото на законот како и одлично образложената првостепена пресуда го одработија својот дел. Практично и да немаше место да се вложи било каква жалба по однос на наводите истакнати во првостепената пресуда. Дополнително, испратениот одговор на жалбата доставен во одбрана на пресудата го најде своето место во правната аргументација“, образложува адвокатот Кацарски.

Доследно применување на законот

Тој додава дека е задоволен што започнува да се создава ваквата „нова судска практика“ и што граѓаните добиваат судска заштита на своите права. „Доследното применување на законот“, вели адвокатот, „го најде своето место и во оваа судска одлука“.

„И затоа не можам да го сокријам професионалното задоволство од оваа пресуда. Верувам во правото и во судските постапки каде секој може да го добие она кое му следува. Доследното применување на законот го најде своето место и во оваа судска одлука“, истакнува адвокатот Владимир Кацарски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

18.11 2015