/ Прочитано:

2.111

Претседателот на Судскиот совет за реформите во судството, за платите на судиите и за изборот на јавниот обвинител

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, денеска одржа прес-конференција на која истакна дека лично има кредибилитет да ги спроведува реформите во правосудството предвидени во Стратегијата за реформи. Тој нагласи дека на  судството му се потребни суштински реформи кои ќе покажат резултати и нема да бидат само, како што истакна, реформи на памфлет. Во таа смисла, тој изрази и сомнеж во Советот за реформи во правосудството бидејќи бил составен од лица кои досега немале допирна точка со судството.

Во врска со Извештајот за АКМИС-системот, Караџовски рече дека Судскиот совет сè уште го нема разгледано бидејќи неколку члена не поседувале безбедносен сертификат. Извештајот, посочи Караџовски, може да биде  основа за потемелна анализа за работата на судовите. За првиот човек на Судскиот совет, исто така, е дискутабилно дали Извештајот треба да биде класифициран како „строго доверлив“.

Караџовски побара и повисоки плати за судиите, за судиите поротници и за судската администрација. Македонските судии, нагласи Караџовски, имаат најмала плата во Европа. Ние, истакна Караџовски, ќе се залагаме за подобрување на условите за работа на судиите и за доследно почитување и применување на Законот за судскиот буџет.

„Ние ќе бараме средства, а ако Владата нема пари, за да не го крши Законот за судски буџет, тогаш најдобро ќе биде да го измени Законот“, рече претседателот на Судскиот совет.

На денешната прес-конференција претседателот на Судскиот совет го критикуваше и начинот на избор на  новиот републички јавен обвинител, посочувајќи дека била прекршена процедурата. Во таа насока, тој ги поздрави и критиките на скопски адвокат кој укажа на прекршувањето на процедурата за избор на јавниот обвинител на РМ. Ако имало доволен број пратеници присутни, па пак се гласало, тоа е прекршување на процедурата, според она што го кажа адвокатот.

„Или да објаснам пластично, пренесено на теренот на Судскиот совет. Еве, ако во салата има 11 члена на Судскиот совет, а потребно е десет члена да гласаат за да се избере некој кандидат, а гласале девет, јас немам право да  го повторам гласањето сè додека не гласаат 10“, образложи Караџовски.

Во врска со СЈО, Караџовски смета дека е неопходно Специјалното јавно обвинителство што е можно побргу да стане дел од Јавното обвинителство, како што е предвидено со стратегијата за реформи.  За Караџовски, последниот избор на судии и претседатели на судови, кога оцената не беше пресудна во донесување на одлуките, е резултат на личниот интегритет на членовите на Советот.

M.В