/ Прочитано:

1.384

Презентација за надлежностите на единиците на локалната самоуправа за унапредување на родовата еднаквост

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, денеска одржа  работен состанок со локалните комисии за еднакви можности на тема: „Закон за еднакви можности на жените и мажите“.

Свое обраќање имаа Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Јована Тренчевска, државен секретар на Министерството за труд и социјална политика, и Васка Лешоска, претставник на граѓанската организација „Реактор“, која го презентираше родовиот индекс на локално ниво.

На работниот состанок присуствуваа членовите на Комисијата и нивните заменици, локалните комисии за еднакви можности, претставници на невладините организации од оваа област и претставници на меѓународни организации.

На работниот состанок беа презентирани надлежностите на единиците на локалната самоуправа за унапредување на родовата еднаквост кои се предвидени во Законот за еднакви можности на жените и мажите, а стана збор и за проблемите во функционирањето на комисиите и начините на нивно решавање.

Од состанокот произлезе препорака до единиците на локалната самоуправа да ги формираат комисиите за еднакви можности на жените и мажите во општините каде што уште не се формирани и да водат сметка за родовиот баланс во нивниот состав.

Индексот на родова еднаквост на „Реактор“ е заснован на убедувањето дека за општествен напредок жените и мажите мора да имаат еднаков пристап до можности и услуги и овозможува целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република Македонија, анализирајќи ја нивната работа во три главни области: родов јаз, соодветни услови и родово одговорна општина. Oвој преглед на родовата еднаквост во општините е достапен на www.rodovindeks.mk.

М.В