/ Прочитано:

1.128

Презентиран Годишниот извештај на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам

Денеска заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа го презентираше  Годишниот извештај на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам, кој, како што беше нагласено на денешниот настан, ги потврдува континуираните заложби за сеопфатна борба против тортурата и нулта толеранција во случај на нејзино постоење.

Извештајот содржи приказ на состојбите во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и анализа на преземените активности за превенирање од тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување во овие места.

Констатираните состојби и упатените препораки до надлежните власти за надминување на утврдените недостатоци се резултат на вкупно 48 превентивни посети што тимот на Националниот превентивен механизам ги спроведе во текот на 2017 година.

„Воспоставената практика за ангажирање на експерти од различни профили и институции за време на овие посети придонесе за обезбедување на мултипрофесионален пристап во работата на Националниот превентивен механизам и дополнително јакнење на капацитетите“, се вели во извештајот.

Во извештајот се констатира дека во казнено-поправните домови има недостаток на професионален и стручен кадар, потоа недостаток на здравствен и медицински кадар, постои насилство и шверц, лоши материјални услови, несоодветни простории за сместување, влага, недоволно затоплување и нефункционален систем на повикување, а во затворот во Куманово има недостиг на вода, додека пак во затворот во Струмица нема приемно одделение поради што новопримените осудени лица се сместуваат во просториите за изолација (самица) каде што има и по три лица поради што има чести вербални и физички пресметки.

„И во овој затвор недостасува кадар во секторот за обезбедување, особено од женски пол поради што претресот на посетителите-жени воопшто не се спроведува, што ја доведува во прашање безбедноста на установата“, рече Бајрамовска-Мустафа, додавајќи дека во затворот „Скопје“ во втора смена претресот на женските лица го прават службеници од машки пол.

„Во разговор со притворените дознавме дека често се случува да бидат навредувани по етничка основа, особено припадниците на ромската заедница, а службени лица неретко за време на претресите се однесувале на груб, понижувачки и дрзок начин. Имаме сознанија и наводи за корупција кои препорачуваме да се испитаат. Констатиравме продажба на мобилни телефони и сместување на лица во простори во притворениот дел каде што сигналот за телекомуникациските мрежи не е блокиран. Тимот се увери дека во делот од затворот сигналот не е блокиран“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Во полициските станици состојбите и понатаму се непроменети и просториите за задржување не ги исполнуваат минимум предвидените меѓународни стандарди.

„Таму затековме простории за задржување во исклучително лоша состојба, па задржувањето во нив претставува понижувачки и нехуман третман врз задржаните лица. Во шест полициски станици нема ни пристапни рампи за лица со попреченост ниту, пак, засебни тоалети за службените и задржаните лица“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.

На денешната прес-конференција таа рече дека Народниот правобранител спроведува посебно истражување каде завршуваат децата на малолетничките од домовите кои се пораѓаат на Клиниката за гинекологија.

„Истражувањето е во фаза на изработка и ќе биде јавно презентирано. Покрај прибирањето на податоците од надлежните јавни здравствени установи каде што се вршат гинеколошки прегледи, породување или прекинување на бременоста, истовремено тимот од Одделението за заштита на правата на децата и лицата со попреченост ќе спроведе непосредни увиди во самите клиники заради проверка на податоците кои се доставени до Народниот правобранител, а ќе ги следи и информациите за текот на постапката за давање деца на посвојување“, рече Бајрамовска-Мустафа.

Во врска, пак, со мигрантите, заменичката на народниот правобранител подвлече дека за разлика од 2016 година, од лани значително се зголемил бројот на нелегално влезени мигранти во Македонија. Ова, додаде таа, упатува на сомневање за вмешаност на полицијата во овој криминал.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска на денешната прес-конференција информираше дека Омбудсманот го разгледува случајот  за постапувањето на полицијата на протестите пред Собранието на Република Македонија против договорот со Грција.

„Веќе во два случаја имаме поднесени претставки од граѓани и непосредно од заинтересирано лице кое се почувствувало повредено, во кои се укажува на наводи за користење, односно за употреба на средства за присилба и употреба на сила од страна на полицијата. Постапките се во тек и се преземаат мерки  во надлежните одделенија на Народниот правобранител“, рече Бајрамовска-Мустафа.

М.В