/ Прочитано:

1.557

Презентиран третиот квартален извештај за работата на АВМУ и АЕК

„Евротинк“ – Центар за европски стратегии, НВО „Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права го презентираа третиот мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“.

На настанот говореа Сефер Тахири, комуниколог, Горан Лазаров, проектен координатор од „Евротинк“ и Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО „Инфоцентар“. Модератор беше Христена Јованчева, координатор за односи со јавност од „Евротинк“.

Горан Лазаров се осврна на работењето на АЕК. Според Лазаров, најголем дел од документите и податоците Агенцијата навремено ги објавува на главната интернет страница. Па сепак, на интернет страницата нема целосни информации за раководството на АЕК и за членовите на комисијата. АЕК има три интернет страници, што за  граѓаните кои сакаат да поднесат приговор може да биде збунувачки. Лазаров во своето излагање се осврна и кон донациите на Агенцијата. Во овој квартал, АЕК му додели донација на пливачкиот клуб „Бета“ од Скопје, но повторно недостасуваат информации за колкава сума се работи и за што точно се донираат средствата. Со измена на годишниот план, АЕК ја намали ставката за донации од 75.385.000  на 4.615.000 денари. Најголемо зголемување во годишниот финансиски план има за изградба на антенскиот столб на Водно и вкупната сума изнесува 91.726.918 денари – посочи Горан Лазаров.

Билјана Бејкова се осврна на работењето на АВМУ. Таа посочи дека Агенцијата за медиуми одржува солидно ниво на транспарентност и отчетност. Но дека и во овој квартал се наметнува како исклучително важно и клучно прашање потребата од целосна политичко-партиска независност на АВМУ. Владата со „Планот за реформи 3-6-9“ ја опфати и АВМУ, односно најави измени на законската регулатива во изборот на членови на нејзиниот Совет врз основа на заслуги.

Исто така, Бејкова посочи дека во извештајот е нотирано постоењето разлики во препознавање на говорот на омраза меѓу АВМУ,  Основното јавно обвинителство и Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД), како во случајот со прилозите на ТВ Сител за време на парламентарните избори 2016, каде што она што е говор на омраза за АВМУ, за КЗД е само политичка кампања.

Сефер Тахири, комуниколог, се осврна на новите законски измени во медиумската сфера.

Програмата се реализира во периодот септември 2016 – март 2018 година и е поддржана од Британската амбасада во Република Македонија. Проектниот тим ги набљудува ефикасноста, ефективноста, транспарентноста, одговорноста и заштитата на јавниот интерес на две регулаторни тела: Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Овој трет квартален извештај се однесува на работата на АВМУ и на АЕК во периодот април – јуни 2017 година и е подготвен врз основа на „Мониторинг-матрицата за работата на АВМУ и АЕК“, креирана во консултација со двете регулаторни тела и објавена во јануари 2017 година. Методологијата која е изработена за потребите на овој мониторинг ги зема предвид спецификите на двете регулаторни тела и ја следи нивната работа од аспект на транспарентноста и отчетноста, ефикасноста и независноста, перформансите и заштитата на јавниот интерес.

M.В