/ Прочитано:

3.433

Презентиран третиот мониторинг извештај за реформите во судството

Институтот за човекови права,  Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија,  го објави Третиот мониторинг извештај, кој е продолжение на Првиот и на Вториот извештај „Реформи во судството – од Прибе 1 до Прибе 2 и потоа“, а се однесува на првиот квартал од 2018 година. И овој извештај е базиран на истите документи што ги утврдуваат Итните реформски приоритети (ИРП) и е изработен главно следејќи ја методологијата со мониторинг матрицата, изготвена во рамки на овој проект.

Во врска со Третиот мониторинг извештај, денеска со одржа прес-конференција, на која говореа Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права, Ива Цоневска, проектен соработник во Институтот за европска политика, и Ангела Шумкоска, проектен соработник во Македонското здружение на млади правници.

Во своето излагање Мирослав Драганов се осврна на работењето на Судскиот совет на РМ и на Советот на јавни обвинители на РМ. Работењето на Академијата за судии и јавни обвинители беше во фокусот на излагањето на Ива Цоневска, додека пак Ангела Шумкоска се осврна на прашањето на „старите предмети“ во судството и извршувањето на одлуките на ЕСЧП во Македонија.

Во таа насока, говорниците, повикувајќи се на извештајот, нагласија дека во Република Македонија е потребно  обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија, односно обезбедување јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“.

Исто така, потребна е проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија, како преку подобрена комуникациска стратегија така и преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок.

Неопходна е и деполитизација на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни критериуми засновани на заслуги.

Во таа насока, потребна е примена на хармонизиран систем на учинок, заснован на квантитативни, но и на квалитативни стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство.

На денешниот настан беше препорачано да се отстранат елементите од системот за дисциплинска одговорност и за разрешување на судиите кои во моментов ја поткопуваат судската независност, и во теорија и во практика, и да се унапреди квалитетот на обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и јавни обвинители (и да се поттикне испраќањето на национални судии на стаж во ЕСЧП).

„Сите судски пресуди треба да се објавуваат во јасни рокови и определени со закон и да се обезбедат целосни можности за пребарување и олеснет пристап. Во таа смисла, потребно е да се изработи досие за вкупната должина на судските постапки, со специјален фокус врз ‘стари предмети’“, беше констатирано на настанот.

Од голема важност е да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права против државата, особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи.

„Извршувањето на одлуките донесени од ЕСЧП е една од обврските на РМ, преземени со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права. Покрај обврската за извршување на одлуките од страна на државата, постои и општа обврска на државата за почитување на правата и слободите што произлегуваат од ЕКЧП. Почитувањето и унапредувањето на основните права и слободи на човекот и граѓанинот е една од темелните вредности на секоја држава“, се наведува во Третиот мониторинг извештај „РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО – јануари-март 2018 г.“, за чии потреби била спроведена и анкета со слушателите на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, учесниците на континуирана обука и предавачите. Анкетата е достапна на следниот линк: Aнкета.

М.В