/ Прочитано:

810

Презентиран вториот мониторинг извештај за работата на Судскиот совет на РМ

Денеска беше презентиран Mониторинг извештајот за работата на Судскиот совет на РМ, во период од октомври 2018 до јануари 2019 година, изработен во рамките на проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РМ“, за мерење на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на Судскиот совет на Република Македонија (ССРМ).  На денешниот настан говореа Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права, судијката Вера Коцо и  извршниот директор на Институтот за човекови права, Мирослав Драганов.

Институтот за човекови права, беше истакнато на денешниот настан, има цел полесно и посеопфатно да ги оцени транспарентноста, отчетноста и ефективноста во работењето на Судскиот совет преку присуство на јавни седници, следење на веб-страницата на Судскиот совет и преку слободен пристап на информации од јавен карактер.

„За прв пат во постапката за избор на судии и претседатели на судови сите членови на Судскиот совет поединечно ги образложуваа причините кои се основа за нивниот глас. Оваа обврска произлегува од законските измени, а истата ја практикуваат само за судиите кои се избрани за претседател на суд или за судија во повисок суд, но не и за судиите кои не се избрани, а имаа повисок број бодови од избраните судии.

Постои подобрување во однос на транспарентноста во начинот на избор на судии со тоа што за време на седниците кандидатите образложуваат зошто за одреден кандидат гласаат ЗА, и воедно одлуките за избор на претседатели и судии се објавуваат на веб-страницата на Судскиот совет и содржат информации за сите пријавени кандидати како: образование, години на стаж, бодови од редовно оценување и националност. Резултатите од анонимната анкета за мислење за кандидатите за судии се достапни само во објавената одлука за избор на судија на Апелационен суд Скопје – кривична област – припадници на заедници кои не се мнозинство во РМ.

Од друга страна, резултатите од анонимната анкета немаат значење во формирањето на ранг-листата. Одлуките за избор, иако содржат податоци за сите кандидати, сепак, не содржат образложение зошто одреден кандидат е избран, иако не е прв на ранг-листата“, се вели во Извештајот кој беше презентиран денеска.

„За прв пат, по препораките дадени од Институтот за човекови права, Судскиот совет на РМ ја објави листата на кандидати за членови на Судскиот совет. Сепак, оваа листа беше објавена како дел од соопштението за одржана седница, а не како посебно соопштение, со што ќе се обезбедеше поголема јасност за кандидатите. Во иднина, потребно е, освен листа на кандидати со имиња, да се објави и кратка биографија или линк со биографиите на кандидатите, објавени на веб-страниците на судовите, со цел сите судии кои директно гласаат за член на Советот да бидат запознаени со кандидатите“, се додава во Извештајот.

Според конечниот извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2017 година на Судскиот совет на РМ, Државниот завод за ревизија констатирал позитивно финансиско работење, во согласност со важечката законска регулатива.

Во ревизорскиот извештај, образложуваат понатаму од Институтот за човекови права,  е наведено дека постои неусогласеност на средствата што се предвидени со Законот за судска власт со оние кои судската власт ги добива од Буџетот на РМ. Најголем дел од средствата се наменети за плати и само мал дел за капитални трошоци и инвестиции за развој на судската власт. Извештајот може да се превземе на следниот линк.

М.В