/ Прочитано:

1.589

Презентирани извештаи за решавањето на споровите од мала вредност и ефективното извршување на неспорните парични побарувања

Амбасадата на Кралството Холандија и Канцеларијата на Светска банка во Република Македонија денеска ги презентираа извештаите „Брза постапка за решавање на спорови од мала вредност: Искуства од земјите членки на ЕУ“ и „Во прилог на ефективно извршување на неспорни парични побарувања: Лекции од Источна и од Централна Европа.“

Во извештајот „Брза постапка за решавање на споровите од мала вредност“ се анализирани различните видови постапки за спорови од мала вредност, односно поедноставени постапки во земјите членки на ЕУ. Извештајот ги нагласува главните карактеристики на постапките за споровите од мала вредност и дава детален опис на низа можности кои би можеле да се применат во земјите кои би сакале да воведат нови, односно да ги реформираат своите постојни постапки за спорови од мала вредност.

Не сите судски предмети се исти, ниту пак треба да се третираат на ист начин. Иако не постои фиксен образец, сепак може да се најдат одредени заеднички и битни карактеристики на брзите постапки во земјите членки на ЕУ, особено во врска со судските такси, видовите спорови, праговите, институционалната поставеност, постапката, можноста за самостојно застапување, правилата за адвокатите и нивните надоместоци, постапките по жалба, како и користењето на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ).

Најголем дел од земјите немаат посебен суд исклучиво за спорови од мала вредност. Наместо тоа, споровите од мала вредност се во надлежност на основните судови, односно другите првостепени судови, во зависност од видот на спорот. Постапката за споровите од мала вредност може да биде по избор или на располагање во судовите по избор на странките.  Меѓутоа, постапките за споровите од мала вредност може да бидат скроени во согласност со конкретниот контекст на секоја земја, со цел да се подобри пристапот до правдата и судската ефикасност. Ниските судски такси се важни за олеснување на пристапот до правдата преку постапките за спорови од мала вредност со тоа што оваа постапка ќе биде достапна за сите.

Граѓаните и фирмите, беше нагласено на денешниот настан, треба да ја користат брзата постапка за разрешување на предмети од мала вредност. Тоа му заштедува време на судот и ги ослободува судските ресурси, го намалува заостатокот и го подобрува пристапот до правда за обичните граѓани и микро и малите претпријатија.

На настанот беше посочено дека 75 проценти од граѓаните на ЕУ не знаат дека постои постапка за предмети од мала вредност, така што голем дел од граѓаните и деловните субјекти работат под погрешната претпоставка дека процесот ќе биде долг, а трошоците ќе бидат високи. Малите спорови најчесто се меѓу потрошувачи и продавачи, и меѓу мали бизниси.

Според холандскиот амбасадор во земјава, Ваутер Пломб, овие спорови се значајни и за граѓаните и за фирмите, особено во поглед на нивната ефикасност и економичност.

„Идејата е дека и граѓаните и малите бизниси имаат заеднички интерес да се разрешуваат ваквите спорови на побрз начин, а судовите и институциите имаат придобивка од намалените трошоци, но за мене е најзначајно дека се зголемува довербата“, вели холандскиот амбасадор Македонија, Ваутер Пломб.

Нема домаќинство, додава амбасадорот, кое во месецот нема да добие една комунална сметка и затоа е многу важно да има ефикасен систем на извршување на тие парични побарувања. Ова е важно за Македонија бидејќи ревидираната Стратегија за реформа во правосудството ја идентификува и оваа област на интервенции.

„Овој извештај и извештајот за ефективно извршување на неспорни парични побарувања се со цел да се обезбедат релевантни анализи кои ќе се користат за дизајнирање на најдобрите јавни политики што ќе бидат корисни за сите граѓани“, посочува Пломб.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, посочува дека овие извештаи се поврзани со ефективното владеење на правото.

„Овде говориме за важноста на малите побарувања, што е многу важно не само за влијанието на економијата и граѓанинот, туку и на сите оние застои на работата во судовите, а исто така и на довербата на граѓаните во целиот овој систем, бидејќи тука се случува таа интеракција на изнаоѓање начини за правично и транспарентно процесуирање на ваквите побарувања што е од клучна важност за да имаме ефективен систем во кој ќе има доверба“, вели директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

„Кога се истражува извршувањето на неспорните побарувања, се посветува особено внимание на сметките за комунални услуги, бидејќи тие претставуваат значителен дел од овие побарувања. Вакви спорови со комунални претпријатија во голем број постојат во БиХ и во сите поранешни социјалистички земји и во овие од Западен Балкан ова е проблем“, вели Светозара Петковска, која го презентираше извештајот „Во прилог на ефективно извршување на неспорни парични побарувања: Лекции од Источна и од Централна Европа“.

М.В

 

.