/ Прочитано:

1.046

Примарната улога на затворите е корекција на однесувањето на лицата кои сториле кривично дело

Примарната улога на затворите е корекција на однесувањето на лицата кои сториле кривично дело, беше истакнато на промоцијата на твининг проектот „Зајакнување на казнено-поправниот систем и пробациската служба”, кој е финансиран од Европската Унија и кој започна да се реализира годинава на 31 август.

На настанот воведни обраќања имаа министерката за правда, Рената Дескоска, Штефан фон дер Бек, државен секретар во Министерство за правда на Федералната Држава Долна Саксонија, Сојузна Република Германија, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија Воутер Пломп, и претставникот на делегацијата на Европската Унија, Фрејк Јанмат.

Министерката Дескоска истакна дека примарната улога на затворите треба да биде корекција на однесувањето на лицата кои сториле кривично дело.

Во современите казнено-правни системи под функционален систем на извршување на санкции се подразбира комплексен пристап, кој ја опфаќа како димензијата на казнување, така и димензиите на ресоцијализација и социјална адаптација на сторителите на кривични дела во заедницата, истакна министерката Дескоска.

Пробацискиот систем, кој е составен дел на системот на извршување на санкции, според министерката, има цел да управува со исполнувањето на кривичната санкција и повторното враќање на сторителите во заедницата.

Според Законот за пробација, главна целна група за изрекување на алтернативни санкции се лица кои сториле кривични дела за кои законот предвидува казна затвор до 3 години, како и оние сторители за кои судот цени дека треба да им биде изречена казна затвор помала од 12 месеци.

Професионално и ефикасно организирана и управувана пробациска служба, која ќе работи заедно со останатите структури на кривично-правниот систем и со други релевантни институции и организации во делот на менаџирање на сторителите на кривични дела во заедницата за извршување на изречената санкција, а со цел опсервација, рехабилитација и реинтеграција на сторителите на кривични дела во заедницата, ќе доведе до зајакнување на јавната безбедност и безбедноста во рамките на заедницата.

Проектот се имплементира во соработка со Фондацијата за меѓународна правна соработка од Германија и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија, а негов главен корисник е Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда.

М.В