/ Прочитано:

1.419

Пример за углед на светската адвокатура: Бадинтеровите принципи против смртната казна станаа историска одредница

Роберт Бадинтер, најгласниот поборник за укинувањето на смртната казна во Франција, денеска влезе во 86 година од својот живот. Тој е нашироко познат историчар и угледен професор, но најмногу од сè — адвокат. Добриот адвокат, според него, е интелектуалец што не ја сфаќа одбраната како улога или како функција туку како страст и како мисија. Како министер за правда назначен во 1981 година, Бадинтер ја ползува својата политичка позиција да влијае врз законодавецот и уште посилно врз јавното мислење за да ја остави смртната казна во историјата на Франција. Од денешен гледен агол, Бадинтеровото спротивставување на смртната казна, е модел на вонредно ефективна адвокатура, којшто често служи како пример за углед во САД, една од последните земји во светот каде смртната казна сè уште има своја примена.

Како застапник на одбраната во судницата против смртната казна, како фактор во законодавно-правните комисии, но и како гласник во судот на јавното мислење, Роберт Бадинтер уверливо покажа како со посветеност може да се внесат промени во општеството. Неговите урамнотежени гледишта, како и неговата чувствителност кон контекстот во кој тој се залагаше за отпишување на смртната казна му овозможија да биде прилагодлив на многу непредвидливи ситуации. Како правник, како публицист и како политичар, енергичниот Роберт Бадинтер го имаше најголемото влијание врз процесот на укинување на смртната казна во Франција, но и пошироко низ Европа. Тој, всушност, не беше само моќен застапник во судски процеси во кои стануваше збор за осуда на смрт, туку и исклучително влијателен глас во медиумите. Подоцна, како министер за правда, тој беше најодговорниот за мерките што се спроведоа за укинување на смртната казна во земјата.

Бадинтер е нашироко познат професор и угледен историчар, но најмногу од сè — адвокат. Тој во своите интроспективни записи ќе праша: „Што е тоа добар адвокат? Што го прави добар во судскиот процес со смртна пресуда? Нема формула за тоа! Во ова критично време, јас можам да верувам само во креативната спонтаност. Мислам дека се добри само оние адвокати што во себе го носат јадот на обвинетиот. Добри се оние адвокати што ги удрила нивната мајка, што биле израснати од немилосрден татко.“ Според него, добриот адвокат не треба да ја сфаќа одбраната како улога или како функција туку како страст и како мисија. Добриот адвокат никогаш не може да ја засени вистината; искреноста и луцидноста се двата основи принципа според кои адвокатот треба да го оформува својот приод кон работата. Тој треба да биде внимателен со лицата на судиите исто како што е претпазлив со лицето на својата сакана.

 Франција последна ја укина смртната казна во Западна Европа

Сепак, за да го постигне она што веќе е влезено во историјата, Бадинтер мораше да настапи на политичкото боиште. По неговото назначување за министер за правда во мандатот на Франсоа Митеран во 1981 година, Бадинтер веднаш се зафати со иницијативата за менување на законските одредби за смртната казна. Расправата за укинувањето била одржана на 17 и на 18 септември во Народното собрание. При првата можност да го претстави законскиот предлог пред пратениците, Бадинтер сосема бил свесен дека многу поважен ќе биде одекот на неговото обраќање надвор од собраниската зграда, во пошироката јавност. Неговата задача, всушност, не била да ги убеди народните избраници, ами да влијае врз јавното мислење преку пренесувањето на неговите белешки во медиумите. Сред поволниот политички консензус, смртната казна во Франција е укината на 9 октомври 1981 година, а денес е и составен дел од Уставот на земјата.

Бадинтеровото спротивставување на смртната казна, од денешен гледен агол, е модел на ефективна адвокатура проучуван, пред сè, од правната фела во Америка — една од последните земји, коишто сè уште ја применуваат смртната казна. Всушност, успехот на Бадинтеровата иницијатива за укинување на смртната казна беше успешна поради добрата волја на тогашната владејачка партија, но и поради уставниот состав на француската влада, којшто ѝ дозволува на партијата на власт да ја спроведе својата предвидена програма. Ситуацијата во САД е сосема инаква: јавното мислење сè уште ја поддржува смртната казна, со оглед на тоа што оружјето секому му е лесно достапно. Дотолку повеќе, бидејќи според своето уредување е сојузна држава, секоја од земјите-членки го задржува правото на регулирање на законите за смртната казна.

Според Бадинтеровите принципи, задржувањето на смртната казна во нагласена мера ги потцртува нееднаквостите во американското општество — социјалната нееднаквост, економската нееднаквост, расната дискриминација. Нејзината денешна примена покажува потајно прифаќање на фактот дека насилството, макар водело и до смрт, не е бескорисно во владеењето со едно општество. Смртната казна, како што вели Бадинтер, го зајакнува општото верувањето дека тортурата е корисна и оддава признание дека државата ја поседува моќта врз животот и врз смртта на поединецот. Оттаму, со примената на смртната казна, на човечкиот живот му се придава само релативна вредност, а нејзиното укинување останува да биде денешниот лакмусов тест за цивилизираното општество што го почитува човечкиот живот како неприкосновена вредност.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 30.3.2014