/ Прочитано:

1.951

Примопредавање на функцијата директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

На 30.11.2018 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ беше извршено примопредавање на функцијата директор на Академијата.

Новата директорка на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, ја презеде функцијата од досегашната в.д.  директорка, Вјолца Елмази, јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Гостивар.

Досегашната в.д. директорка му се заблагодари на тимот на Академијата за обемната работа која беше извршена за периодот на нејзиното раководење со институцијата и ги презентираше и ги предаде тековните и идните обврски со цел работата на Академијата да продолжи да тече без застој.

Исто така, Елмази истакна дека за времето додека ја извршувала функцијата в.д. директор се запознала со работата на Академијата и дека со задоволство ќе ја продолжи соработката со новата директорка, како член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

Проф. д-р Габер Дамјановска дипломирала и магистрирала на Правниот факултет на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, има докторирано на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, а во периодот од 2008 до 2017 година ја извршуваше функцијата судија на Уставниот суд на Република Македонија.

Проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска е новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

М.В