/ Прочитано:

2.764

ПРИСТОЈНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Флексибилно работно време како рамнотежа помеѓу работата и семејството

Вторник, 1 декември 2015 – Пристојното работно време им помага на работниците да постигнат подобра рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, а истовремено ја унапредуваат конкурентноста на претпријатијата. Бројот на работни часови е еден од најважните фактори во одредувањето дали нечија работа е компатибилна со семејните одговорности и погенерално, со животот надвор од работа, се вели во публикацијата „Пристојно работно време – Урамнотежување на потребите на работниците со барањата на работното место на Меѓународната организација на трудот“, на која упатува и Организацијата на работодавачи на Република Македонија.

„Нефлексибилното“ работно време и ограничената грижа за децата одат во насока на зајакнување на традиционалната поделба на трудот во семејството „мажот заработува за живот – жената се грижи за домаќинството“ и на тој начин создаваат тешкотии во комбинирањето на платената работа и семејните должности. Можноста за користење уредувања за работното време, заради олеснување на комбинацијата од работни и семејни заложби може да се постигне со различни, но комплементарни мерки, се посочува во публикацијата.

Ваквите мерки за работно време што го вклучува семејниот аспект вклучуваат различни политички можности, од колективно намалување на работното време до работа со скратено работно време, до поединечно право за намалување или приспособување на работното време од семејни причини. Во основата, намаленото работно време, особено во облик на скратено работно време (коешто може да вклучува двајца работници со скратено работно време на едно работно место со полно работно време, т.е. споделување на работното место) се чини дека е број еден стратегија што се применува за балансирање меѓу платената работа и семејните должности.

Покрај работата со скратено работно време, се вели во публикацијата, одредени видови уредувања за „флексибилно“ работно време може да придонесат кон усогласување на работата и семејството, особено програмите за флексибилно време и шемите за „додавање време“ (т.н. сметки за работно време), кои им дозволуваат на работниците да имаат различни часови на работа, врз основа на поединечната семејна состојба. Понатаму, нудењето на можноста за работниците „телекомуникациски“ да се поврзат со работното место од дома може да им помогне да ги комбинираат работните и семејните одговорности на дневна основа.

Понатаму, голем број други мерки, како што е мајчинската заштита и пристапот до пристојни, висококвалитетни услуги за грижа на децата се од клучно значење при помагањето на работниците да ги усогласат своите работни и семејни одговорности. Следствено, втората важна димензија на „пристојното работно време“ е да им се овозможи на работниците потребното време и флексибилност за справување со нивните семејни одговорности, во согласност со принципите воспоставени во Конвенцијата на МОТ за работниците со семејни одговорности.

Особено, треба да се креираат мерки за работно време што го вклучува семејниот  аспект, со цел да им се задоволат потребите на родителите – жени и мажи – да имаат доволно време да се грижат за семејството на дневна основа.

„Тоа пак упатува на потребата од „нормализирање“ на работата со скратено работно време, во споредба со основата за работа со полно работно време што постои во секоја земја. Прописите за еднаков третман при вработување, бонусите надвор од плата и системите за социјална заштита, принцип воспоставен во Конвенцијата на МОТ за работа со скратено работно време, 1994 г., може да помогнат во подобрувањето на условите за работа со скратено работно време и истовремено може да дадат значителен придонес кон унапредување на родовата еднаквост“, се укажува во публикацијата.

M.В