/ Прочитано:

1.913

Проф. др. Пепељугоски: Судската борба помеѓу Епл и Самсунг не е гол бизнис!

Спорови на 4 континенти, материјални оштети кои се изразуваат во милијарди, бизнис или правда, патентските битки меѓу гигантите во мобилната индустрија Епл и Самсунг може да значат преструктуирање на светскиот пазар на мобилни телефони. Сепак, според експертот за интелектуална сопственост, проф. др. Валентин Пепељугоски ова не е гол бизнис, туку борба меѓу гиганти  кои инвестираат најголеми износи во истражување и развој и тоа во најбрзорастечката индустрија. Во светот на техниката (патентите) се променија многу нешта изминативе децении и просторот за пронајдоци се стеснува, но тоа не значи дека се треба да се третира како јавно добро, дециден е Пепељугоски. Гугл, Аргета, Тоблероне – Македонците најмногу сакаат да ги предизвикуваат големите играчи, открива нашиот соговорник. 

Проф. др. Валентин Пепељугоски (Фото: akademik.mk)

Епл запишува, Самсунг препишува, Нокиа има главоболки, на шега ќе кажат дел од оние кои ги следат судските процеси Епл-Самсунг. Патентската битка која овие гиганти сега за сега ја водат во 8 држави е предизвик за секој адвокат кој се занимава со оваа материја. Секаде е истото, двете компании меѓусебно се обвинуваат за копирање на производи, дизајн и технологија, борејќи се притоа за доминација на пазарот на смарт телефони, што според „Блумберг“ се проценува на 219 милијарди долари. Каков е вашиот став за овие спорови, за што станува збор, бизнис или правда?

  • И едно и друго! Но не го сфаќајте ова како гол бизнис. Тоа е борба мегу гигантите кои инвестираат најголеми износи во истражување и развој и тоа во најбрзорастечката индустрија. Во една таква ситуација се очекува инвестираното да се врати што е можно побрзо. Но развојните тимови се многу субјективни и сметаат дека и најмало копирање или превземање преставува повреда на нивните права. Во светот на техниката (патентите) се променија многу нешта изминативе децении и просторот за пронајдоци се стеснува. Но тоа не значи дека се треба да се третира како јавно добро. Некогаш малите промени и усовршувања можат да донесат поголем профит и напредок одколку иницијалните пронајдоци.

„Жално е што Законот за патенти може да биде изманипулиран за да и овозможи на една компанија монопол над правоаголници со заоблени ќошиња“, изјавија од Самсунг  по првостепената пресуда донесена во САД, каков е Вашиот коментар на оваа изјава? (Ова е еден од најголемите спорови помеѓу двете компании. Поротниците кои беа земени од срцето на силиконската долина, одлучија дека Самсунг треба да му плати на Епл оштета од 1,05 милијарда долари за прекршување на повеќе патенти. Јужнокорејската компанија е соочена и со можност за забрана за продажба на едни од своите најпопуларни производи на американскиот пазар.)

  • Со задоволство ги следам настаните околу овој спор и ја чекам писмено изработената пресуда. Знаете мора да се внимава и на најситните детали. Но македонската јавност треба да знае дека во американскиот патентен систем има патент за дизајн. Треба да се види објаснувањето на судот, зошто смета дека тој пронајдок е особен и дали е само тоа. Инаку споровите за патенти се водат од многу одамна, а се интензивираа на крајот од минатиот век. Импликациите се врз целокупната светска економија, тоа значи за сите држави. Ние како канцеларија дававме мислење во случај каде холандски суд изрече привремена мерка за користење на софтвер на територијата на речиси цела Европа. Самсунг таблетите се продаваат и во Македонија и се многу популарни. Ама да ја сочекаме и жалбата и второстепената пресуда.

Дали во Македонија често се случува некој да го повреди правото на интелектуална сопственост и колку Македонците ги заштитуваат овие права?

  • Последниве неколку години бројот на споровите драстично се зголемува. Нашите граѓани стануваат посвесни за своите права од интелектуална сопственост. Што се однесува до компаниите, можеме да речеме дека состојбата по однос на трговските марки е многу добра.  Тие не само што ги заштитуваат своите трговски марки во Македонија туку и во странство. Имаме помалку пријави за индустриски дизајн, но пријави за патенти имаме малку. Тоа е резултат на не инвестирањето во истражување и развој на македонските компании. Од друга страна имаме многу компании кои работат на софтвер за странски компании, музика за филмови, наши режисери режираат филмови и театарски престави во странство и сл. Зачудува што и добро етаблирани компании знаат да „посегнат“ по туѓите права. 

Вашата адвокатска канцеларија е специјализирана за работење во областа на правото на интелектуална сопственост, може ли да одвоите некој поинтересен спор со кој сте се сретнале во досегашната пракса?

  • Има повеќе, но најинтересни се споровите кога се направи повреда на домен името на GOOGLE, потоа АРГЕТА паштетата, ТОБЛЕРОНЕ и сл. Не можам да сфатам зошто нашите луѓе и компании сакаат да ги предизвикуваат најголемите и највредните светски компании и неовластено да ги имитираат нивните трговски марки. На крајот како во многу од напреднаведените случаи ке бидат и кривично осудени, но и ќе ги изгубат граѓанските процеси.

Големи ли се побарувањата за штета на овие компании?

  • Оштетените побарувања за големите странски компании не се примарни. Тие инсистираат на престанување на неовластената употреба и повлекувањето на производите од пазарот. Нивната интенција е потрошувачите да не бидат доведени во заблуда односно да не бидат измамени. Затоа што тогаш потрошувачите ке се свртат кон конкурентскиот производ. Инаку оштетните побарувања се во границите на македонските можности. Но досудени се оштетни побарувања и до 70.000 евра.

Дали кај нас се обрнува внимание на интелектуална сопственост на програмерски код, имате ли такви спорови? Има ли вештаци кои се занимаваат со оваа материја?

  • Изворниот код е достапен само на нарачателот и на авторот, односно носителот на авторското право. Таков спор во Македонија не сум водел, иако пред две години имаше на повидок такви два спора. Но мислам дека странките се спогодија. А што се однесува до вештаци, е тука имаме проблем. Проблем е Законот за вештачење, кој и на нас правниците ни дава право да вештачиме. Наместо тоа да бидат експерти од ИТ индустријата.

Колку степенот на пиратеријата зависи од стандардот во една држава и дали според Вас истата намерно се дозволува во одредена количина?

  • Сигурно дека зависи, но кај нас тоа премногу се потенцира. Всушност во претходните прашања дадов еден негативен пример за тоа. Но внимавајте, нашата Влада (мислам на сите македонски влади од осамостојувањето до денес) купува социјален мир. Па ви се молам не мора сите да возат БМВ или Мерцедес! Не мора да користите Windows, користете Open source software! Ама ако веќе го користите и со тоа правите пари (читај водите бизнис) ќе мора да платите.

АКТА падна пред Европскиот Парламент, сепак каков е  вашиот став околу овој да го наречам контроверзен меѓународен договор, упад во слободата на интернет или заштита?

  • Пиратите се чини дека ја добија првата битка, ама не сум сигурен дали ке ја добијат војната! АКТА беше опасност за младите демократии за државите кои се изнедрија по падот на комунизмот и за африканските режими. Таму под плаштот на заштита на правата од интелектуална сопственост, се правеше и се прави упад во слободата на говорот, изразувањето се следат комуникациите и сл. Инаку АКТА не содржи одредби кои ги нема во ТРИПС или во Директивата на ЕУ за спроведување.

Експанзијата на интернет порталите доведе до копирање на авторски текстови, преземање на фотографии, што во Македонија е редовна пракса. Новинарите често знаат да се пожалат дека некој им го украл текстот од Интернет, како да се заштитат авторските текстови и фотографии на Интернет?

  • Секое неовластено користење (превземање) не е дозволено, освен ако сами не ставите напомена дека е слободно користењето. Фактот што некој текст, фотографија, музика, филм се наоѓа на интернет или на некој портал не ви дава за право да го превземете и да го користите. Заштита? Реално тешко дека ќе можете да се заштитите да не ги земаат, но ако ги фатите тогаш покренете судска постапка и сигурно го добивате спорот. Но претходно обезбедете докази дека некој го превзел Вашиот интелектуален имот. Независно што се работи за дигиталниот свет, или сајбер просторот, важат класичните правила на граѓанското право и меѓународното приватно право.

Вие и проф. др. Јадранка Дабовиќ Анастасовска сте автори на првиот учебник во РМ што ги содржи  двата сегменти на интелектуалната сопственост – авторското право и сродните права и правото на индустриска сопственост, „Право на интелектуална сопственост“. Може ли да ни кажете малку повеќе за учебникот, што точно содржи и за кого е наменет истиот?

Се работи за прв универзитетски учебник со таков наслов во нашиот регион. До неговото излегување материјата на интелектуалната сопственост се обработуваше во два предмети – Авторско право и Право на индустриска сопственост. Но следејки го трендот во развиените држави на ЕУ и во САД, но и новите тенденции во науката, техниката и технологијата ние решивме да ги обединиме овие две големи групи на права. Зошто? Затоа што  во современиот свет не можете да правите поделба на овие права. Така, ако земете еден мобилен телефон, како предмет, таму се инкорпорирани патенти, индустриски дизајн, софтвер, трговски марки, музика, слики и сл. Се се тоа права од интелектуална сопственост. Инаку учебникот не е наменет само за студентите по право, туку и за практичарите: адвокатите, нотарите, извршителите, судиите, обвинителите, цариниците, државните пазарни инпектори, полицијата и сл. Таму се поместени обрасци, практични примери, договори за пренос и лиценца и сл.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 25.09.2012