/ Прочитано:

2.315

Промоција на матрицата за мониторинг на перформансите во македонското правосудство

Денеска во организација на промоцијата на Центарот за правни истражувања и анализи беше промовирана матрицата за мерење на перформансите во правосудството, која е дел од програмата Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи,  поддржана од Британската амбасада во Скопје.

На денешниот настан, воведни обраќања имаа: министерот за правда Биљен Салији, министер за правда, британскиот амбасадор Чарлс Гарет, Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи и Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи.

„Матрицата има исклучително значење како показател за перформансите во правосудството и нивното мониторирање. Со матрицата ќе се овозможи системско оценување на перформансите во правосудството, што ќе помогне во евалуацијата на реформите во правосудството како клучни за евроинтеграциите на Република Македонија“, истакна министерот за правосудство.

Британскиот амбасадор подвлече дека матрицата е од голема корист како за судските институции, така и за граѓаните. Најдобриот судија за реформите во судството, нагласи Гарет, се самите граѓани. Програмата за подобрување на квалитетот на правдата во Македонија, преку градење капацитети за судии и мониторирање на судски реформи, ја има токму таа цел – да се обезбеди квалитетно судство во интерес на граѓаните.

Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Центарот за правни истражувања и анализи, подвлече дека целта на матрицата е преку сеопфатен процес да се врши проценка на тековните ситуации во правосудството и да се измерат резултатите од реформите. Притоа, таа може да служи и како инструмент за внатрешна евалуација и идентификување на областите што треба да се подобрат и за мерките што треба да се применат.

„Особено важен аспект при мерењето е да се обезбеди индикатор за човековите права. На пример, правото на фер судење ретко се зема како индикатор за успешноста на реформите“, нагласи Стојковска-Зафировска.

Стојковска-Зафировска, во својот инспиративен говор, додаде и дека проектите што се во насока на примена и почитување на принципите на владеење на правото зад себе оставаат трага која ќе биде инспирација за идните генерации на кои им преостануваат битките за владеењето на правото како континуиран процес.

Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи истакна дека матрицата е изработена од Центарот за правни истражувања и анализи во соработка со Министерството за правда и Судскиот совет на Република Македонија, како дел од програмата Подобрување на квалитетот на правдата во Македонија преку градење на капацитети за судии и мониторирање на судски реформи,  поддржана од Британската амбасада во Скопје.

„Алатката има за цел да му помогне на судскиот систем да оцени различни области на активност и да ги евалуира достигнувањата на реформите“, посочи Јовановски.

Професорката Лажетиќ, како национален правен експерт, истакна дека е горда што матрицата е дел од Стратегијата за реформи на правосудството, која ќе ги постави новите приоритети за судски реформи и натамошен развој. Затоа, како што се нагласува и во самиот текст на матрицата, важно е да се основаат почетните линии за системско мерење на прогресот наспроти целите утврдени во Стратегијата, во согласност со европските меѓународни стандарди и практики.

Во матрицата се елаборираат и истражуваат суштинските аспекти и перформанси на македонското правосудство. Истражувањето за перцепции за перформансите на правосудството е фокусирано на 4 категории целни групи, и тоа: судии, судски службеници и судска администрација како прва група, потоа адвокати, јавни обвинители, државни правобранители, извршители, нотари и медијатори како втора група, физички и правни лица како трета група и Академијата за судии и јавни обвинители, медиуми, невладин сектор и академска заедница како четврта група.

Перформансите на правосудството ќе се мерат во пет области и тоа: ефикасноста, транспарентноста, квалитетот на судската правда, независноста и непристрасноста и професионалниот развој и соодветната застапеност.

„Ефикасноста на правдата е една од главните компоненти на концептот на правично судење, додека, пак, транспарентноста и отчетноста на правдата се меѓу главните компоненти на правото на правично судење“, истакна професорката Лажетиќ.

„Членот 6 на Европската конвенција за заштита на човековите права не подразбира само формално спроведување на правдата преку обезбедување на правото на судење пред законски основан суд. Правото на правично судење е тесно поврзано со квалитетот на судската правда, кој се огледува во квалитетот на судските постапки, на судските одлуки и нивното ефикасно спроведување“, образложи Лажетиќ во врска со прашањето за квалитетот на судската правда.

Лажетиќ во врска со невиноста и непристрасноста посочи дека постоењето на независен и непристрасен суд претставува еден од главните столбови на концептот на правично судење, а во врска со професионалниот развој и соодветната застапеност, професорката упати кон мислењето број 3 на Консултативниот совет на европските судии во кое јасно се нагласува значењето на професионалната свест кај судиите и потребата од одржување висок степен на професионална компетитивност.

Доц д-р Катерина Шапкова-Коцевска, како национален експерт по економија и статистика, во однос на методолошкиот пристап во матрицата, појасни дека индикаторите на матрицата ќе бидат истражени за оние целни групи кои се компетентни и релевантни за соодветниот индикатор.

„Длабинскиот увид во причините за интегралните оценки ќе се добие преку оценките дадени од секоја целна група посебно за секој индикатор, при што ќе можат да се утврдат разликите или совпаѓањето помеѓу оценките на различни целни групи за еден индикатор“, образложи Шапкова-Коцевска.

M.В