/ Прочитано:

1.442

Промоција на наставната програма за правна аргументација, структура и образложение на пресудите

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи, организира промоција на наставната програма за правна аргументација, структура и образложение на пресудите. На денешната промоција присуствуваа судии и судски соработници од сите апелациони подрачја, а свое излагање имаa: Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Никола Јовановски, од Центарот за правни истражувања и анализи, и Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, која поконкретно говореше за правната аргументација, структурата и образложението на пресудите.

Арнаудовска истакна дека проектот е на добар пат и нагласи дека е потребно да продолжи заради неговиот континуитет. Таа подвлече дека Академијата презела бројни активности во насока на унапредување на правната аргументација, структурата и образложението на пресудите, и тоа преку одржување на бројни обуки од доменот на пишување и правна аргументација на пресудите за кривичната и граѓанската материја.

„Имајќи предвид дека пишаните одлуки се најчест начин на комуникација помеѓу судот и јавноста, која неретко е нестручна, едноставно е да се воочи дека аргументацијата на судските одлуки е од исклучително значење.  Поради улогата што ја има судот во секое општество, од особена важност е судиите да се блиски до јавноста, а еден начин да се постигне ова е носење на образложени одлуки кои ќе бидат напишани на јасен и на разбирлив начин“, истакна Арнаудовска.

 Мирјана Лазарова-Трајковска ја истакна важноста на Академијата како институција и укажа на потребата од тоа и управното судство да се вклучи во почетната обука и во програмата за неа. Лазарова-Трајковска додаде дека во последните години се препознава одредено подобрување во пресудите, што веројатно е резултат на спроведените обуки и програмата на Академијата. Во своето излагање поранешната судијка во ЕСЧП ја потенцираше и важноста на видливоста на работата на претседателите на судовите и на самите судии за подигање на угледот на судството.

Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи рече дека проектот претставува одлична основа за понатамошен напредок и накратко ги спомена идните проекти на кои ќе работи Центарот, а кои се во насока на подобрување на состојбите во судството.

На денешниот настан беше подвлечено дека правната аргументација како значајна интердисциплинарна компонента на обуката на судиите, јавните обвинители, адвокатите, стручните соработници и целните групи во правосудството, органите на државната управа и останатите чинители на правниот систем има значајно влијание врз квалитетот на правните акти.

Познавањето на основните категории на правната логика и правилната примена на аргументите се суштествен услов за квалитетни, издржани и оправдани пресуди и правни акти. Во мноштвото пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), пред сѐ, оние кои се однесуваат на правото на правично судење од членот 6 од Европската конвенција за човекови права, се нагласува потребата од постоење на јасно, прецизно и задоволително образложение на судските одлуки на националните судови. Истовремено, се истакнува дека недостигот од такво образложение може да доведе до повреда на правото на правично судење.

М.В