/ Прочитано:

2.327

Промовиран Прирачникот за спречување на корупцијата во локалната самоуправа

Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Македонското здружение на млади правници, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, денеска го промовираа Прирачникот за спречување на корупцијата во локалната администрација.

Најсериозните злосторства не се извршени заради прибавување неопходни нешта, туку со цел стекнување  на дополнителни „погодности“

Со оваа мисла од Аристотел започнува Прирачникот за спречување на корупцијата на локално ниво, во кој се нагласува дека корупцијата ги поткопува демократијата и владеењето на правото, го загрозува квалитетот на животот и може да предизвика појава на сериозен криминал и закани за безбедноста на целокупната општествена заедница.

Во најширока смисла на зборот, се вели во прирачникот, корупцијата е искористување на службената положба за приватни цели. Ова значи дека кога постои корупција, вршењето јавни овластувања и работи од јавен интерес добива карактер на вршење определени услуги само за оние граѓани што можат да ги платат.

Поединецот, истакнуваат авторките на Прирачникот Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ и Мартина Мартинова од Здружението на млади правници, кој коруптивно се однесува, преку злоупотреба на својата положба, се здобива со материјална или нематеријална корист која може да биде наменета за него или за некој друг.

„На овој начин, одредени лица недозволено стекнуваат корист додека на други им е отежнато стекнувањето на некое право кое инаку им следува. Од корупцијата корист може да имаат две страни во еден однос, а штетата може да биде последица врз пошироката општествена заедница“, велат Јасна Оровчаенц Аранѓеловиќ и Мартина Мартинова.

Борбата против корупцијата, образложуваат авторките на Прирачникот, не е едноставен процес, туку подразбира ангажман на целото општество и иницијативност на сите нивоа. Секој поединец има законска и морална обврска да се бори против корупцијата.

„Овие не значи само препознавање на корупцијата и воздржување од коруптивни дејствија, туку и пријавување случаи на корупција“, нагласуваат Аранѓеловиќ и Мартинова.

Тие појаснуваат дека овој Прирачник е наменет за државните службеници и вработените во органите на локалната власт – општините и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, градоначалниците, советниците во советите на општините, советниците во Советот на Град Скопје и лицата вработени преку агенциите за привремено вработување со овластувања утврдени со закон, како и лица кои вршат работи од јавен интерес од локално значење.

Оровчанец Аранѓеловиќ и Мартинова истакнуваат дека Прирачникот е лесно разбирлив и дека во него се обработуваат и објаснуваат прашања кои првенствено се поврзани со законските прописи од областа на спречувањето на корупцијата.

Прирачникот, додава Мартинова, е напишан на тој начин што може да го разбере и оној што не е правник и што не може да се снајде во прописите кои често се комплицирани. Законите, нагласува Мартинова, не секогаш се разбирливи и од тие причини мошне важно беше текстот на овој Прирачник да биде лесно разбирлив за државните службеници кои не се правници.

Во таа насока, во Прирачникот поедноставено се говори за правните прописи од областа на корупцијата, корупцијата во политика, корупцијата при вршење на јавните овластувања, основните начела за постапување на службените лица, кривичните дела од областа на корупцијата, како и прашањето за надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ вели дека за неа било голем предизвик да се работи на Прирачникот кој има за цел да биде корисна алатка за спречувањето на корупцијата на локално ниво, но и во  борбата против корупцијата на општо ниво.

„Се надеваме дека Прирачникот ќе ја постигне целта да даде придонес во спречувањето на корупцијата во локалната самоуправа и дека ќе ја зајакне свеста за штетноста од коруптивното постапување“, вели Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ.

На денешниот настан подготовката на Прирачникот ја поздравија и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Тимчо Муцунски.

Прирачникот, истакна Трајановски, претставува мошне корисна алатка за спречувањето на корупцијата и јасен приказ на антикорупциското  законодавство, со што ќе се овозможи доследно запознавање со прописите кои го регулираат спречувањето на корупцијата.

Овој проект, истакна заменик министерот Тимчо Муцунски, посредно се вклопува во процесот на реформата на јавната администрација преку кој се овозможува сè поголема транспарентност на јавната администрација, особено во делот на етиката и антикоруптивните однесувања на административните службеници и вработените во јавниот сектор. Муцунски нагласи дека транспарентноста и етиката се клучни за јавната администрација, а особено се важни од аспект на правата и интересите на граѓаните, па во таа насока Прирачникот дава извонреден придонес.

М.В