/Прочитано:

219

Промовирана анализата „Незаконитите докази во кривичната постапка“

Здружението за кривично право и криминологија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја промовираа новата публикација и компаративно истражување „Незаконитите докази во кривичната постапка“.

Воведни обраќања на настанот имаа проф. д-р Трпе Стојановски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија, и Нинослав Василевиќ, шеф на Одделот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои го истакнаа значењето на анализата во поглед на регулативата од областа на правосудството и нејзината примена во практиката, особено во делот на кривичната постапка.

Оваа анализа, беше потенцирано на настанот, претставува суштествена алатка, производ на заедничките напори на домашните експерти проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Беса Арифи, доц. д-р Александар Маршавелски и м-р Андреј Божиновски.

Поимите, наодите и заклучоците во неа претставуваат слика на тековната политика на судовите во Република Македонија во однос на незаконитите докази во кривичната постапка и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Податоците во оваа анализа се општи податоци кои се добиени преку поднесување на барање за пристап до јавни информации до Специјалното јавно обвинителство, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје и до Апелациониот суд Скопје.

Податоците што се однесуваат на регионалниот третман на незаконитите докази во постапка се собрани преку компаративно истражување на процесната законска рамка во земјите во регионот, а податоците што се однесуваат на практиката и ставовите на Европскиот суд за човекови права – преку пребарување на базата на податоци на Судот.

„И покрај недостигот од сеопфатна регулатива во земјава и во другите земји од Западен Балкан, анализата ќе претставува корисна алатка за правните практичари, која ќе даде одговор на прашањата во однос на постоењето на уедначена правна рамка во земјите на Западен Балкан за правилата за исклучување и недопуштеност на доказите, како и за влијанието на јуриспруденцијата на ЕСЧП кон создавање на законски промени. Исто така, анализата ќе се обиде да даде одговор за можноста да се преземат иницијативи за овозможување на примена на тестот за пропорционалност од доктрината на ‘одмерување’ во судската практика кај нас“, беше заклучно на промоцијата на публикацијата, на која се разви и плодна дискусија во поглед на потребата за реформи во правосудството.

Имајќи ги предвид и заклучоците и препораките од претходните дискусии што се одржаа изминатиот период во организација на Здружението, проектниот тим на оваа анализа имаше можност да ги мапира и да ги објасни дневните проблеми на судот во оцената на овие докази и балансот меѓу заштитеното право и интересот на кривичниот прогон.

М.В