/ Прочитано:

1.918

Промовирана анализата за најдобрите европски практики за мерење на перформансите на јавните обвинители

Денеска во организација на Центарот за правни истражувања и ПВЦ Македонија се одржа тркалезна маса за промоција на компаративната правна анализа „Најдобрите европски практики за мерење на перформансите на јавните обвинители во Унгарија, Франција, Обединетото Кралство, Данска, Хрватска и Македонија”. Компаративната правна анализа е изработена во рамките на проектот „Креирање на матрица за мерење на перформансите на јавното обвинителство“. Овој проект е финансиран од УК-аид преку Владата на Обединетото Кралство.

На денешниот настан во своето воведно излагање Лидија С. Зафировска, претседател на Центарот за правни истражувања и анализи, ги образложи целите на проектот и на анализата, нагласувајќи дека проектот првенствено е насочен кон враќање на вредностите во правосудството, додека пак преку анализата се прави увид во реформата на правосудството и идентификувањето на најдобрите светски и европски практики за оцена на перформансите на обвинителските системи.

За мерењето на перформансите на јавните обвинители во Хрватска говореше експертката од Хрватска Аница Томшиќ-Стојковска, која ги образложи структурата и надлежностите на Хрватското јавно обвинителството и потребата од реформи на хрватскиот правосуден систем, особено во поглед на обвинителството. Хрватската експерта подвлече дека за реформите клучна е примената и дека сè уште за одредени аспекти од реформите се има впечаток дека се само слово на хартија.

Во таа смисла, во aнализата за креирање на матрица за мерење на перформансите на јавното обвинителство се подвлекува дека во Хрватска се уште преовладува перцепцијата дека јавниот обвинител не е имун на политички влијанија.

Новините за избор на главен обвинител преку транспарентна постапка влеваат надеж за избор на независна личност која ќе ги спроведува надлежностите стручно, професионално и без политички притисоци. Ова секако ќе се рефлектира на целиот систем, како и на идните мерења на перформансите на јавните обвинители.

За мерење на перформансите на јавните обвинители во Обединетото Кралство  говореше Маја Каланоска, правен експерт и адвокат во „A. Џафар“ од Лондон.   Обвинителскиот систем на Обединето Кралство обезбедува јасен модел што овозможува целосно функционирање, независно од политичките сили, со независен главен обвинител под индиректна министерска контрола, обезбедена преку „надзорот“ што го врши главниот државен правозастапник. Ова е чист пример на систем на независна јавнообвинителска агенција, кој би можел да се примени и на други места.

Каланоска нагласи и дека во Велика Британија е клучно тоа што обвинителите мора да го почитуваат Кодексот за кралски обвинители, по кој мора да постапуваат. Од особена важност се и стандардите за квалитет на работа кои се позитивен пример и кои може да се применат и во други земји.

За мерење на перформансите на јавните обвинители во Македонија  говореше проф. д-р Гордана Лажетиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје. Професорката подвлече дека обвинителството долги години е оставено на маргините и дека државата недоволно вложувала во оваа област.  Ова, нагласи професорката, мора да се промени, што всушност е  и целта на анализата.

„Мораме конечно да го посветиме нашето внимание на состојбите во Јавното обвинителство и преку алатката за перформансите во обвинителството да таргетираме некои аспекти. Бараме професионалност и отчетност преку дефинирање на невралгичните точки на обвинителството како орган кој е помеѓу судската и извршната власт“, истакна професорката Лажетиќ.

Лажетиќ подвлече дека матрицата нема цел индивидуално да ја мери успешноста во работата на обвинителите, туку неговата успешност како орган и систем кој се соoчува со слабости. Таа додаде и дека недозволиво е промените во обвинителството да не бидат проследени легислативно и дека обвинителството мора да има сопствен буџет и соодветни ресурси. Треба прво да се овозможи, па да се критикува, нагласи Лажетиќ.

Жарко Алексов, тим-лидер на програма, на денешниот настан се осврна на меѓународни инструменти и стандарди за мерење на успешноста во работењето на јавните обвинители.

„Давањето оцена за еден кривичноправен систем може да претставува голем предизвик, особено кога не располагате со доволно квалитативни и квантитативни податоци за самиот систем, како и за проблемите со кои се соочува“, нагласи Алексов, додавајќи дека денес постојат бројни меѓународни институции и асоцијации кои нудат инструменти во однос на следењето и мерењето на резултатите што се остваруваат во различни сегменти на кривичноправните системи.

Оваа анализа, образложи Алексов, се фокусира на најзначајните инструменти што се од големо значење и важност за мерењето на успешноста во работата на јавнообвинителските системи.

Правниот експерт и адвокат Кирил Папазоски ги образложи заклучоците и препораките од компаративната анализа. Постојат, се вели во заклучоците на анализата, различни европски пристапи во однос на мерењето на успешноста во работењето. Неопходен е развојот на посебно изработени алатки за цена на успешноста на работењето, но исто така за развивање на алатките потребно е и активно учество на засегнатите страни.

Од пресудна важност е задржувањето на политичката неутралност и објективност. Секој обвинителски систем мора да биде во состојба да ги следи и да ги мери постигнатите резултати на објективен начин. Исто така, од суштинско значење е и градењето на капацитетите на клучните чинители во рамки на јавнообвинителскиот систем, особено од аспект на мерењето на успешноста на резултатите на јавното обвинителство.

М.В