/ Прочитано:

3.825

Промовирана книгата „Антидискриминациско право“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со поддршка на меѓународната организација ОБСЕ, беше промовирана книгата „Антидискриминациско право“, чии автори се универзитетските професори д-р Жанета Попоска и д-р Лазар Јовевски.

Свечено обраќање на денешниот настан имаше деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски, кој го нагласи значењето на книгата како важен научен исчекор во областа на антидискриминациското право што дава исклучителен научен и академски, но и поширок општествен придонес во борбата против дискриминација.

Д-р Јован Ананиев, редовен професор и член на Комисијата за заштита од дискриминација и член на Европската комисија против расизам и нетолеранција при Советот на Европа, на денешната промоција истакна дека значајно за книгата е што за првпат во домашната академска средина се објавува книга за проблематиката на антидискриминациско право и прв учебник кој на едно место ја обработува недискриминацијата.

Книгата „Антидискриминациско право“ ги обработува прашањата за правото на еднаквост, принципот на заштита од дискриминација, областите каде што се појавува дискриминацијата, заштита од дискриминација во меѓународното право, заштита од дискриминација во националниот правен систем, обележјата на дискриминацијата во областа на работните односи и посебната заштита на определени групи во областа на работните односи.

Целта на книгата со наслов „Антидискриминациско право“, велат авторите проф. д-р Жанета Попоска и доц. д-р Лазар Јовески, е да претставува едноставна алатка која на студентите на правните факултети и стручната јавност ќе им даде насоки во идентификувањето на суштинските елементи и карактеристики на антидискриминациското право во рамките на меѓународниот и националниот правен систем, како и на институционалната инфраструктура за негова заштита. Оттаму, оваа книга претставува една практична рамка која нуди помош на стручната јавност и на студентите во оваа област.

„Книгата се фокусира на обезбедување вештини и знаења на идните правни практичари за правото на еднаквост и принципот на недискриминација. Притоа, акцентот е ставен како на теоријата, така и на практиката. Тоа се должи на една едноставна причина дека крајната цел на заштитата на секое право, вклучувајќи го и правото на еднаквост, е нивно спроведување на национално ниво, како и справување со повредата на односното право, вклучително и во нашето општество, со тоа што на жртвите на дискриминација им се овозможува да ја бараат правдата преку соодветни и ефикасни правни лекови. За да се постигне оваа цел, идните правници треба да располагаат со практични алатки и совети за примена на меѓународните стандарди и националното законодавство за заштита од дискриминација“, посочуваат авторите.

На денешната промоција на книгата, беше нагласено дека јазикот со кој е пишувана книгата е едноставен, а намерата е да се даде објаснување на концептите и правните институти на антидискриминацијата за оние што не се специјализирани во оваа област. Читателите во оваа научна област се воведуваат преку анализа на суштинските елементи на правото на еднаквост и принципот на заштита од дискриминација, потоа преку анализа на меѓународните и националните стандарди за нивно почитување, заштита и гарантирање од страна на државата, за да се заврши со анализа на дискриминацијата во различни области, особено ставајќи акцент на областа на работните односи како најчесто застапена област во случаите на дискриминација.

Книгата изобилува со бројна јуриспруденција, особено од Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европската Унија, но и компаративни примери, особено од земјите членки на Европската  Унија.

„Поради динамичниот развој на антидискриминациското право, се надеваме дека книгата ќе послужи како водич во оваа научна област за студентите и идните правни практичари“, подвлекуваат авторите Попоска и Јовевски.

М.В