/ Прочитано:

5.510

Промовирана книгата „Превенција и репресија за казнените дела против јавниот ред и мир“

Книгата „Превенција и репресија за казнените дела против јавниот ред и мир“ на Марјан Кицев денеска беше промовирана во Кавадарци. Издавач на книгата e Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци.

Марјан Кицев е роден 1975 година во Кавадарци, а делото е, всушност, негова докторска дисертација. Зборувајќи за него, директорката на библиотеката „Феткин“ од Кавадарци, Трајанка Атанасова, информираше дека авторот на книгата има 24-годишно работно искуство во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Таа соопшти дека во трудот има компаративно искуство и емпириско истражување за состојбата во Република Македонија.

Проф. д-р Александра Деановска-Трендафилова, како еден од рецензентите, рече дека дисертацијата претставува самостојно и корисно истражување на релевантната казненоправна проблематика, што претставува научен придонес во казненоправната наука.

„Свртувајќи го научниот интерес кон криминалот на загрозување на јавниот ред и мир, дисертацијата завлегува во општествената сфера што има витално значење за мирот, како една од највисоките правни вредности, општествениот ред и стабилноста на општествените односи, како основен предуслов за непречено уживање на основните човекови слободи и права, исполнување на правните должности и остварување на развојните општествени цели“, истакна Деановска- Трендафилова.

Обраќајќи се кон присутните во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, авторот нагласи дека јавниот ред и мир се синоним за мир, сигурност и спокојство на заедницата.

„Одржувањето на редот и мирот е основната задача на секое општество што се остварува преку наметнување на прифатливи, односно разумни ограничувања на поведението, со цел да се овозможат правда, вистина и општо добро во заедницата. Кои поведенија во општеството ќе бидат инкриминирани, зависи од дефинирањето на јавниот ред и мир“, нагласи Кицев.