/Прочитано:

817

Промовирана книгата „Судска заштита во извршувањето – Анализа и коментар на судската практика“ од Михајло Маневски

Извршувањето е несомнено многу сложена и одговорна професија. Со извршувањето се остваруваат целите на постапката, а круна на секоја постапка е извршување на донесената одлука, независно дали се работи за судска или управна постапка или, пак, се работи за извршување на нотарска исправа. Ова денеска го истакна поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, кој денеска ја промовираше својата книга „Судска заштита во извршувањето - Анализа и коментар на судската практика“.

Mihajlo Manevski promocija kniga izvrsuvanje izvrsiteli 2

Во трудот се анализирани над 150 случаи од судската практика што има за цел доближување на досегашните искуства до стручната јавност.

„Анализата на судската практика од фактички и правен аспект, може да биде од исклучително голема корист за натамошно оспособување на извршителите, судиите, адвокатите, правните и физичките лица и на сите учесници во постапката “, истакна Маневски.

Според него, она што се прави на планот на воедначување на судската практика во извршувањето е парцијално и недоволно.

„Во изминативе неколку години евидентни се спротивставени мислења во практиката во однос на примената на неки клучни одредби од Законот за извршување, како на пример примената на членот 211 од ЗИ“, рече Маневски.

Изминатите 10 години извршителите наплатиле над 800 милиони евра

Според податоците анализирани во трудот, од 2006 година, кога извршителите почнаа со работа, до септември 2015 наплатени се над 800 милиони евра. Најмногу средства, 58 % биле наплатени  од должниците во стопанството, 14% од државните органи и околу 28 % од физичките лица – претежно по основ на ненаплатени парични побарувања за комунални и други услуги.

„Тоа се парични средства кои се влезени во платниот промет, кои во најголема мера им се вратени на доверители од стопанството, на компаниите, на правни и физички лица“, рече Маневски.

IMG_6654Правејќи споредба на поранешниот систем на извршувањето и актуелниот, како што наведе ексминистерот за правда, неминовно било поставено прашањето за реформа во оваа област и изнаоѓање на поефикасен начин на спроведување на извршувањето.

„Извршувањето на судските и други одлуки, кога беше спроведувано од основните судови,  беше маргинализирано и симболично. Општата слика на состојбите беше пренатрупани и неефикасни судови, застарени и нефункционални закони, долги постапки кои траеја со години и децении.  Многу години извршните предмети се трупаа во судските архиви и подруми и немаше дури ниту основна евиденција колкав е бројот  на нерешени извршни предмети и платни налози. Проблемот беше дополнително усложнет со тоа што во 90-те години, сосема незаконски, основните судови им ги предале печатите и штембилите на ЕСМ и на некои други комунални претпријатија за да издаваат платни налози, што доведе до огромен хаос. Спроведувањето на судската постапка и постапката за извршување во разумен рок беше суштински неприменета одредба. Во Европскиот суд за човекови права  од предметите од Македонија 68% се однесуваа на парничната и извршната постапка“, рече Маневски.

Mihajlo Manevski promocija kniga izvrsuvanje izvrsiteli 3

Актуелниот систем , како што истакна Маневски, придонесе за подигнување на свеста за доброволно извршување на обврските, а оттука за јакнење на правната сигурност и на финансиската дисциплина.

„Со новиот систем значително е намалено времетраењето на извршувањето и постојано се подобрува ефикасноста. Од вкупниот број реализирани барања, околу 49 % се извршени за време од 6 месеци. Според извештајот „Дуинг бизнис“ на Светската банка за 2014 година, просечното време потребно да се изврши судска пресуда во Македонија се намалило од 340 на 127 дена“, рече тој, додавајќи дека и во извештаите на ЕК последните 6 години се забележува напредок во оваа област.

Рецензентот на книгата, претседателот на Апелациониот суд Штип Стојанче Рибарев, посочи дека се работи за обемен труд напишан на околу 800 страници, поделен на пет дела.

„Ова дело ќе побуди интерес кај стручната јавност, институциите, кај лицата кои непосредно спроведуваат извршување, но и кај лицата кои помалку или повеќе се поврзани со извршувањето“, рече Рибарев.

Петрески: Воведување на посебни сметки за плата, пензија и социјална помош

Промоцијата на книгата, чиј издавач е Комората на извршители на РМ (КИРМ),  се случува во пресрет на десетгодишнината од основањето на Комората и од почетокот на работата на првите извршители.

„Ова е прво дело од ваков вид и верувам дека ќе биде користено во нашите канцеларии и во сите други институции каде што се практикува правото. Без постоење на ефикасен систем на извршување попусто би биле сите пресуди и сите договори.  Нашето постоење е гаранција дека пресудите ќе се извршат, а договорите спроведат. Не само државата, туку и компаниите и граѓаните се сигурни дека можат да потпишат договор и да бидат сигурни дека тој ќе биде реализиран, да добијат пресуда и да бидат сигурни дека таа ќе се спроведе.  Ние враќаме стотици работници на работа, враќаме неисплатени плати на работниците од приватни компании, но и од државата, покажуваме дека граѓанинот е посилен од државата“, изјави претседателот на КИРМ, Зоран Петрески.

Mihajlo Manevski promocija kniga izvrsuvanje izvrsiteli 4

Според Петрески, канцелариите на извршителите  се стручно и технички подготвени за  проширување на надлежностите во можноста да се извршуваат локалните даноци, некои државни давачки, наплатата на прекршоците и сл. Истовремено, како што рече, високо на листата на приоритети им е заштитата на должникот и неговото достоинство.

„Извршителите не постојат поради оние граѓани што не се во можност да ги платат своите долгови, туку поради оние што не сакаат да платат. Законот за извршување во голема мера ги штити најранливите категории на граѓани и предвидел низа мерки на заштита. Ние, како Комора, одиме чекор понапред  со тоа што предлагаме воведување на вонсудска наплата.  Една од мерките би можела да биде и воведување на посебни сметки за примање на плата и пензија, како и примања од социјална заштита – кои би биле изземени од извршување, со што би се заштитиле ранливите категории,  но и би се оневозможила манипулација со други средства кои поминуваат преку трансакциските сметки и кои поради законските ограничувања не можеме да ги контролираме“, рече Петрески.