/Прочитано:

237

Промовирана публикацијата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човекови права“

Денеска во Скопје се одржа промоција на публикацијата „Европски суд за човекови права (со посебен осврт на критериумите за допуштеност)“ од д-р Јелена Ристиќ, адвокат и универзитетски професор. Публикацијата е поддржана од фондацијата „Фридрих Еберет“.

Во публикацијата се говори за Европската конвенција за човековите права, за нејзиниот историјат, за нејзината структура, за нејзините принципи, за нејзиното толкување и за нејзината примена, а исто така се говори и за функционирањето и надлежноста на Европскиот суд за човековите права преку давање на детален осврт на критериумите за допуштеност.

На денешната промоција авторката на публикацијата, д-р Јелена Ристиќ, истакна дека Европскиот суд за човекови права има централна улога во европскиот систем за заштита на основните права и слободи. Во оваа смисла, тој има важна улога во заштитата на основните слободи и права на граѓаните на Република Македонија, при што Европската конвенција за човекови права стана неопходен инструмент за заштита на човековите права во Република Македонија.

„Книгата е проткаена со суштински теми за ЕСЧП и неговото функционирање. Од книгата може многу да се научи и таа е напишана на јасен стил, а разбирлива е и за читателите кои не се правници“, истакна претседателот на АКРМ, Љубомир Михајловски-Џанго, додавајќи дека авторката на книгата е ценет и угледен адвокат, но и признат научник во академската фела.

„Се надеваме дека оваа публикација, која има цел систематизирано и објективно да го прикаже функционирањето на ЕСЧП,  ќе наиде на интерес и ќе биде од особена корист како за стручната, така и за пошироката јавност, а особено за адвокатите и за сите правни професии кои се занимаваат со темата на заштитата на човековите права, но и за студентите на правни студии затоа што тие се следните генерации адвокати, судии и обвинители“,  подвлечe Нита Старова од  фондацијата „Фридрих Еберет“ на денешниот настан.

М.В