/ Прочитано:

1.751

Промовиранана интернет-платформата за антикорупција

По повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја промовираше  интернет-платформата prijavikorupcja.mk пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Промоцијата се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Презентацијата на платформата беше од неформален карактер, на штандови поставени на сите факултети во кампусот на УКИМ, каде што студентите и професорите имаа шанса директно да се информираат и интерактивно да ја тестираат платформата.

„Корупцијата и судирот на интереси претставуваат феномени за кои во сите релевантни анализи се истакнува дека сѐ уште остануваат во значителна мера неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека антикорупциската борба не дава задоволителни резултати. Токму од овие причини, борбата против корупцијата е дел од програмата за Владеење на правото, односно од Стратегијата за работа на Хелсиншкиот комитет 2018 – 2020 година. Преку интернет-платформата за пријавување на корупција, покрај евидентирање и мониторинг на случаи, Комитетот ќе овозможи и соодветна бесплатна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија“, велат од Хелсиншкиот комитет за човековите права.

Интернет-платформата има цел  на граѓаните да им овозможи безбеден простор за пријавување на сите случаи кои содржат елементи на коруптивно кривично дело. Дополнително, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, за своите права како жртви или сведоци на корупција, но и за обврските за пријавување на коруптивните кривични дела до надлежните институции.

М.В