/ Прочитано:

2.213

Промовирани компаративната анализа и документот за јавни политики за проверка на судии

Центарот за правни истражувања и анализи денеска ги презентираше и ги промовираше компаративната анализа и документот за јавни политики за проверка на студии. Анализата и документот се подготвени со поддршка на Холандската амбасада во Република Македонија.

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп во своето поздравно обраќање го истакна значењето на двете студии кои разработуваат исклучително важни теми за независноста на судството, нагласувајќи дека судството има голема улога, како за владеењето на правото така и за севкупниот економски развој на државата и општеството.

Пренесувајќи ги искуствата за подготовката на анализата и на документот за јавни политики, претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова-Зафировска, истакна дека тие се плод на повеќемесечна работа и дека опфаќаат значајни прашања за проверката на судиите во младите демократии и можностите и перспективите за подобрување на квалитетот на судството во Македонија.

Лидија Стојкова-Зафировска, Жарко Хаџи Зафиров и Мартин Сопронов се автори на студијата насловена како „Проверка на судиите во младите демократии – компаративна анализа на механизми за проверка на судии во Албанија, БиХ, Србија и Македонија“, додека пак автор на студијата „Можности и перспективи за подобрување на квалитетот на судството во Македонија“ е Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права.

Во рамките на анализата за моделите на проверка на судиите земени се токму примери од оние транзициски демократии (како што се Албанија, Босна и Херцеговина и Србија), кои дизајнирале и спровеле ревизија и генерален реизбор на судии, што може да помогне во примената на модел во Република Македонија.

Процесот на проверка за вршење на функцијата, познат како ветинг, велат авторите Стојкова-Зафировска, Сопронов и Хаџи Зафиров,  нема уедначена дефиниција во теоријата која би се зела како основа за разграничување помеѓу ревизија, реевалуација, реименување или реизбор. Во принцип, ветингот генерално се поврзува со институционалната реформа и мерка на преодна правда.  Често, недостигот од прецизна дефиниција поради недоволно внимание и напори околу овој термин, придонесува кон немање јасна линија помеѓу ветингот и масовните отпуштања или политичкиот реваншизам.

Како што се посочува во анализата, ветингот како процес за реформа на кадри и институции не треба да се спроведува како единствена мерка за планирани реформи во правосудството. Потребно е да се надополни и да се координира со други мерки на институционални реформи во напорите да се обезбеди процес на вработување, евалуација и разрешувања, низ постапки кои подлежат на строго утврдени правила, принципи и стандарди, јасни и однапред познати, а кои суштински ќе гарантираат процес заснован на заслуги, со цел да се превенираат потенцијалните закани од партиски влијанија во правосудството.

Авторите на анализата Лидија Стојкова-Зафировска, Марко Сопронов и Жарко Хаџи Зафиров, во однос на ветингот, односно проверката на судиите, го нагласија значењето на ресурсите потребни за овој механизам на проверка на судиите, широкиот консензус и прифаќањето на реформата, мониторинг-системот и развивањето на критериумите за проверка на судиите.

„Развивањето на критериумите за проверка на судиите, кои би биле проверливи, релевантни и утврдени низ посебни постапки, со гаранција за заштита на процесните права на субјектите, е од суштинско значење за успешноста на транзициската реформа. Овие критериуми понатаму треба да останат како водилка за вработување идни кадри“, истакнуваат авторите на анализата.

Како што покажуваат примерите од другите земји, додаваат авторите, ветингот може да овозможи услови да се коригираат и некои аспекти во поглед на еднаквата и правичната застапеност.

Во студијата „Можности и перспективи за подобрување на квалитетот на судството во Македонија“, Мирјана Лазарова-Трајковска нагласува дека судството мора да биде целосно надвор од влијанијата на политиките и политичарите, за што особено е важна улогата на Судскиот совет. За независноста на судството важно е и прашањето за изборот на членовите на Судскиот совет, структурата на составот на Советот, но и професионалноста и етичноста на судиите.

Главните препораки од овој документ, истакна Лазарова-Трајковска, се токму да се зајакне и да се подобри независноста на судството, на судските институции и на судиите, кои укажуваат на влијанието на политиката како проблем во правосудството.

„Ако за судиите независноста на судството треба да биде нивна обврска, за граѓаните тоа е нивно право. Судиите кои не ги одликува професионалност, лојалност кон правото и правдата и кои немаат морални и етички карактеристики, ниту личен интегритет преставуваат голем проблем за правосудниот систем и опасност за подривање на владеењето на правото“, нагласува Лазарова-Трајковска.

За судиите е важно и прашањето за нивниот избор, оценувањето, финансиската независност, но и градењето на свеста за независноста на судството. Судиите и обвинителите, смета Лазарова-Трајковска, мора да градат свест дека обезбедувањето независност на судството не се определува само од квалитетот на изменетите и дополнетите закони, туку и од нивно принципиелно и доследно почитување.

М.В