/ Прочитано:

1.651

Протест пред Обвинителството против прогонот на активистката за легализација на канабисот Моника Ристеска

Денеска во организација на Здружението „Билка” пред Основното јавно обвинителство Скопје се одржа протест против прогонот на активистката за легализација на канабисот Моника Ристеска.

Моника Ристеска вчера беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој го прифати предлогот за обезбедување на присуство на осомничен за изрекување мерка притвор, поднесен од страна на ОЈО Скопје, по сите три основи од одредбите на ЗКП.

Од Здружението „Билка“ истакнуваат дека ваквиот ригиден пристап на органите на прогонот и на Судот е неприфатлив. Адвокатот на Моника Ристевска, Јанаки Митровски,  нагласи дека недопуштено е државата да допушта мултимилионски бизниси за правни лица, а уживателите да ги гони кривично.

„Никој не мора да биде притворен поради користење наркотици, особено канабис не е основ за одредување мерка притвор. Сметам дека одлуката на Основниот суд Скопје 1 е плод на една ригидна политика која ја водат органите на прогонот кон уживателите на канабис“, рече Митровски.

„Ќе поднесам жалба до кривичниот совет мерката притвор да се замени со поблага мерка. Сметам дека аргументите се на наша страна, но праксата не ми остава простор за оптимизам“, додаде адвокатот.

Тој додаде дека со Здружението на граѓани, кое го застапува, работат на законски измени со кои би се декриминализирало уживањето канабис.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека одредениот 30-дневен притвор на активистката Моника Ристовска, позната како Моника Конопова, не е неопходен за водење на кривичната постапка, и препорачува други видови на мерки на претпазливост заради обезбедување на присуство во постапката за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според членот 215 од Кривичниот законик.

Хелсиншкиот комитет препорачува мерката притвор да се користи како мерка на претпазливост во исклучителни случаи, а не како репресивен механизам.

„Во оваа прилика потсетуваме и на неприфатливата селективност при одредување мерка притвор од страна на надлежните органи, особено во случаи на корупција и организиран криминал. Исто така, следејќи го светскиот тренд за декриминализација и легализација на употребата на канабисот, ја повикуваме Владата сериозно да ги земе предвид иницијативите за подготовка на нови законски решенија во оваа област“, велат од Комитетот.

И владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција соопшти дека одлуката за притвор од 30 дена за Моника Ристевска за Владата изгледа престрого во однос на стореното дело.

Моника Ристевска доби 30 дена притвор откако во завчерашниот претрес на нејзиниот дом се пронајдени 30 мл масло од коноп и 15 грама коноп.

М.В