/ Прочитано:

1.610

Прва годишна конференција за е-трговија во Македонија

Денеска во Скопје се одржува првата Годишна конференција за е-трговија. Македонија е земја која има огромен потенцијал и потреба за развој на е-трговијата и начинот на кој може да се постигне тоа е со заедничко дејствување на сите засегнати страни, беше истакнато на конференцијата.

Конференцијата со поздравен говор ја отвори претседателот на АЕТМ, Нина Ангеловска, која истакна дека граѓаните на Македонија во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20% во однос на првото полугодие од минатата година.

Една од целите на е-трговијата е да се направи бизнисот побрз, да се олесни работењето и да се  отстранат административните оптоварувања во сите сфери. Е-трговијата, истакна Вања Манова, менаџер за Бугарија и Македонија во Мастеркард,  е еден од секторите што постојано се адаптира на промените на модерното општество, но и креира искуства надвор од зголемените очекувања на потрошувачите.

Трендот во развојот на интернет на нештата и сè поголемиот број функционалности на поврзаните уреди им овозможуваат на корисниците удобност во купувањето каде било, кога било и на начинот што го преферираат, но во исто време безбедноста на трансакциите станува поважна од кога било.

„Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност“  изјави министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Ќе се подобруваат условите за е-трговија како предност за компаниите, за граѓаните и за економијата