/ Прочитано:

1.128

Публикација на ССНМ за новинарството како јавно добро

Излезе третиот број на публикацијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници насловена како „Новинарството како јавно добро“. Во овој број, покрај феноменот на лажните вести, обработена е и темата проверка на факти.

„Безбедноста на новинарите, условите за работа и саморегулацијата се трите столба врз кои почива секоја дебата за степенот на слободата на медиумите. Овие теми доминираа и на дводневната конференција на ОБСЕ за медиумите во Југоисточна Европа, што се одржа на 10 и 11 мај во Струга. Повеќе од 150 претставници на медиуми, новинарски организации и институции, речиси без исклучок во своите говори ги препознаваа заканите и предизвиците, предлагаа решенија за борбата против дезинформациите и лажните вести кои се закануваат буквално да ја избришат медиумската индустрија од историската сцена. Во говорите на практичарите, оние кои повеќе зборуваат за новинарство и новинари отколку за бизниси и индустрии, доминираа зборовите: интегритет и доверба на публиката. Се испостави дека кредибилитетот на медиумите е нешто што може да се смета за столб на идните бизнис-модели врз кои ќе се градат или преуредуваат медиумите, доколку сакаат да опстанат и повторно да се наметнат како релевантен извор на проверени и кредибилни информации. Но, за тоа да биде можно, неопходно е новинарството повторно да се врати во редакциите. Систематското уништување и деградирање на статусот на професијата, без кое не можеше да се спроведе операцијата на претворање на медиумите во пропагандни чудовишта, го наплати својот данок. Медиумите се ослободуваа од новинарите, со години во континуитет“, се вели во уводникот на публикацијата.

Публикацијата е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, кој ССНМ го спроведува заедно со Македонски институт за медиуми – МИМ / Macedonian Institute for Media – MIM, Институт за комуникациски студии и Media Diversity Institute, а е поддржан од Европската Унија.

Публикацијата е достапна на следниот линк: https://ssnm.org.mk/wp-content/uploads/2018/06/Publikacija_Novinarstvoto_kako_javno_dobro_SSNM_br_3_juni_2018.pdf

M.В