/ Прочитано:

2.257

Публикација за оданочувањето на приходи остварени од вршење самостојна дејност

Управата за јавни приходи објави публикација за оданочувањето на приходи остварени од вршење самостојна дејност во 2018 година. Оваа публикација, велат од УЈП, треба да ги упати граѓаните во основните правила и процедури за регистрација, за утврдување и за плаќање на персоналниот данок на доход, како и за изготвување на годишната сметка за приходите остварени од самостојна дејност.

„Преку публикацијата ќе се запознаете за тоа:

Како и каде да се регистрирате, ако остварувате приходи од самостојна дејност?

Кои се вашите права и обврски?

Кога и на кој начин сте обврзани да ги пресметувате, пријавувате и плаќате соодветните даноци?

Составување и доставувaње на Годишна сметка и поднесување на даночна пријава.

Трговец поединец

Трговец поединец е физичко лице кое во вид на занимање врши трговска дејност определена во Законот за трговски друштва, кој одговара за своите обврски лично и неограничено со сиот свој имот.

Својството на трговец поединец се стекнува со уписот во Трговскиот регистар, кој се води во Централниот регистар на Република Македонија.

Не се сметаат за трговци според ЗТД:

физички лица кои вршат земјоделска и шумарска дејност (индивидуални земјоделци); занаетчии и физички лица кои вршат услуги, освен ако нивната дејност може да се определи како претпријатие;

физички лица кои вршат угостителски услуги со издавање соби во своите живеалишта; и физички лица кои се занимаваат со слободни занимања (адвокати, нотари, лекари и други).

 Граѓани кои остваруваат приходи од самостојна дејност

Во оваа категорија влегуваат граѓаните кои остваруваат приходи од:

  • стопанска дејност;
  • производна, услужна, трговска, угостителска, превозничка и друга слична дејност;
  • давање професионални и други интелектуални услуги (адвокатски, нотарски, консултантски, ревизорски, инженерски, архитектонски, новинарски, спортски, културни и други интелектуални дејности);
  • земјоделска дејност (производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи и одгледување на добиток и други стопанскокорисни животни и пласман на нивните производи);
  • други дејности, чија трајна цел е остварување на приходи.

Сите физички лица кои остваруваат приходи од самостојна дејност должни се својата дејност да ја регистрираат кај надлежниот регистар.“

Публикацијата може да се преземе на следниот линк.

М.В