/ Прочитано:

1.204

Работниците да пријавуваат прекршувања на правата од работен однос и неисплата на К-15

 

Во согласност со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со Колективниот договор.

Во членот 166 од Кривичниот законик, кој се однесува на повреда на правата од работен однос, се пропишува дека тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година.

Во изминатите две години Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрирал голем број случаи во кои работодавачите на своите вработени не им исплатиле или пак им исплатиле многу низок износ на регрес за годишен одмор (К-15).

„Најчесто стануваше збор за исплата на регрес за годишен одмор во висина од 500 и 1000 денари, а голем број на работнички кои користеле породилно отсуство беа лишени од правото на регрес за годишен одмор и не им беше исплатен, спротивно на одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството“, појаснуваат од Комитетот.

Регресот за годишен одмор за тековната година, додаваат од Хелсиншкиот комитет, мора да биде исплатен до крајот на календарската година. Во таа насока, од Комитетот укажуваат на следното:

„Исплатата на регресот за годишен одмор е задолжителна и не постои можност работодавачот да не исплати регрес за годишен одмор поради тешкотии во работењето.

Право на регрес за годишен одмор има секој работник кој работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Особено потенцираме дека во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството не е наведено како услов работникот континуирано да работел 6 месеци кај ист работодавач за стекнување со правото на регрес за годишен одмор. Ова значи дека и работниците кои имале прекин во работниот однос кај работодавачот, а работеле најмалку 6 месеци во текот на календарската година кај истиот имаат право на регрес за годишен одмор.

Работничките кои користеле породилно отсуство во текот на календарската година имаат право на регрес за годишен одмор. Хелсиншкиот комитет за човекови права поради погрешна и неуедначена примена на одредбите кои се однесуваат на регрес за годишен одмор во однос на работничките кои користеле породилно отсуство иницираше постапка пред Комисијата за толкување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството за толкување на спорните одредби со цел уедначена примена. Комисијата за толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството одлучи дека жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање, а се во работен однос 6 месеци кај ист работодавач во календарската година имаат право на исплата на регрес за годишен одмор.

Поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, апелираме дека ќе ја следиме ситуацијата со исплата на регрес за годишен одмор особено кај оние работодавачи кои сега ќе се обидат да исплатат регрес за годишен одмор во мал и незначителен износ поради тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавачот ќе бараме од сите надлежни институции да извршат надзор со цел за да се утврди дали работодавачот навистина се соочува со финансиски тешкотии во работењето, односно дали е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски тешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица.

Воедно, апелираме до работодавачите во процесот на исплата на регрес за годишен одмор доследно и целосно да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор во приватниот сектор од областа на стопанството и толкувањата на Комисијата за толкување на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Ги повикуваме сите синдикални организации да застанат на страна на заштита на работниците и будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде што има формирано синдикати.

Го повикуваме Државниот инспекторат за труд да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор.

На крај, ги повикуваме и ги охрабруваме сите работнички и работници, а особено оние од текстилната, кожарска и чевларска индустрија и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права“, апелираат од Хелсиншкиот комитет.

Работничките и работниците кои користат отсуство поради бременост имаат право на регрес за годишен одмор

Погрешно толкување и примена на одредбите за регрес за годишен одмор за оние кои користеле породилно отсуство

Нејасните закони, големите глоби и двојните казни – проблем за работењето на фирмите

M.В