/ Прочитано:

6.280

РАШКОВСКИ: Македонија, во позитивна смисла, ќе биде непрепознатлива од аспект на дигитализацијата на администрацијата и на институциите

„Искрено се надевам дека за година и пол Македонија, во позитивна смисла, нема да ја препознаеме од аспект на напредокот на дигитализацијата на јавната администрација и во поглед на дигитализацијата на сите процеси кои ги дава државата кон граѓаните и кон компаниите. Сите министерства, државни институции би биле дел од единствен централен систем, кој детално ќе го следи остварувањето на стратешките приоритети“, вели во интервјуто за Академик генералниот секретар на Владата на РМ, Драги Рашковски, најавувајќи ги клучните реформи во државата кои се однесуваат на работата на администрацијата, на јавните набавки, на управувањето со добрата и следењето на конкретните реформи утврдени во стратешките политики на Владата.

Промените произлегуваат од стратешките приоритети

„Она што треба да се истакне на почетокот во поглед на реформите е дека кога работи Владата и кога работат институциите, генерално работат врз основа на два документи, односно на два сегменти. Тоа се: Стратешките приоритети на Владата и Програмата за работа на Владата. Во поглед на овие два документи, би се реализирале и крупните промени кои предлагам да следуваат, а кои се насочени кон трите работи за кои државата има интерес, а тоа се: јавните финансии, располагањето со добра и настаните што се случуваат. Сè е насочено околу овие три работи, кои подразбираат: како се трошат народните пари, како се располага со добрата откако ќе се набават и кои настани се случуваат во одредена држава“, образложува Рашковски.

Во таа насока, генералниот секретар нагласува дека еден од клучните сегменти во реформите е транспарентноста, која, врз оснава на стратешките определби на Владата, се однесува на јавната администрација, на работата на институциите,  на јавните набавки и на реализирањето на заклучоците за конкретни активности посветени на реформските процеси.

На институциите и на администрацијата им се потребни иновативни реформи

„Од аспект на јавната администрација, низ практиката особено се јавува проблемот во мерењето на ефикасноста на јавната администрација и следење на ефектите. Во таа смисла, во реформите посебно значење би имало  пополнувањето на т.н. административни дупки со методот познат како ‘one size fits all’. Овој метод подразбира дека самата институција преку универзална платформа за креирање на системски алатки софтверски ќе може да си креира алатки за своите потреби. На пример, училиште има потреба од електронски дневници и, наместо да има јавна набавка и тендер, училиштето самото ќе може да генерира компоненти и софтверски ќе ги креира тие дневници. За тоа, секако, ќе има соодветни обуки, но и достапен тим кој ќе помага. Исто така, мое размислување е дека треба да има и тимови како заемна помош на институциите. Имено, ако во некоја институција има многу предмети, системот тоа би го сигнализирал и би дошле дополнителни службеници во институцијата за да помогнат во зависност од потребите, на пример: многу предмети или можност за потенцијални метежи пред шалтерите итн.“, објаснува Рашковски.

Генералниот секретар додава и дека сите документи што ќе доаѓаат во Владата и сите документи што ќе ги прават државните службеници ќе се потпишуваат електронски. Откако ќе се потпишат документите електронски, ќе постојат и во пишана форма. Што е доброто во сето ова?

„Ние сега во Владата кога ги ставаме документите, ги ставаме скенирани. Скенирани се и документи што ги добиваме од институциите. Овие документи немаат добри можности за пребарување, а на овој начин за секоја една работа ќе постои шаблон и тој документ електронски ќе се потпишува и потоа ќе се отпечати за на него да се стави печат и своерачен потпис. Понатаму, овие документи ставени во една електронска база се добри за да се управува со нив. Предност е и што министер ќе може електронски да го потпише документот, иако не е присутен“, вели Рашковски.

Тој најавува дека во Владата е подготвен предлог во врска со тоа дека некои работи нема потреба да одат во Владата. Претходниците, посочува Рашковски, во желбата да контролираат сè, ставиле сè во Владата, и затоа е потребно некои работи да се исклучат.

Во поглед на јавните финансии и корелацијата со јавните набавки, Рашковски образложува дека промените се концентрирани на суштински работи во поглед транспарентноста и предвидливоста, кои имаат исклучително значење за компаниите, за граѓаните, но и за државата.

Транспарентност на јавните набавки до најситен детаљ

„Како би функционирал целиот систем на јавни набавки? Кога набавува нешто Република Македонија, односно државата и институциите, потребата за набавка компаниите ја дознаваат во моментот кога претпријатието ќе објави тендер. Во иднина тоа не би требало да биде така. Затоа и измените што ги направивме во Законот за јавни набавки се државните претпријатија, организации и институции да објавуваат план за јавни набавки. Зошто е добро да се објавува планот за јавни набавки? Добро е затоа што ќе има транспарентност во набавките и за однапред да се знае кои набавки се потребни, па компаниите, врз основа на планот за јавни набавки, ќе се подготват за потребните набавки кои ги истакнале институциите, односно државата.

Втората работа е предвидливост на бизнисот, особено ако се земе предвид фактот дека државата учествува со значителен процент во БДП. Предвидливоста на бизнисот ќе им помогне на компаниите подобро и благовремено да се организираат и да започнат преговори со субјектите од каде што ќе ги набават добрата, што значи и да постигнат контингентски цени, што пак, исто така, е во интерес на државата.

Трета и најважна работа, вели Рашковски, е транспарентноста, односно граѓаните ќе знаат каде ќе се трошат нивните пари. Кога ќе знаат институциите, компаниите и граѓаните однапред дека државата ќе набавува нешто, може да се отворат и разни полемики во смисла на тоа дали е потребно одредена институција да набавува одредени компјутери, на пример, или да набавува некакви технички производи.

„Тоа е всушност целта на оваа реформа – да се тргне превезот од јавните набавки бидејќи навистина досега, пред овие измени, тие беа тајна која ја знаеше само министерот или само раководителот на секторот за јавни набавки или директорот на институцијата“, вели генералниот секретар на Владата.

Категоризацијата на производите како новина

Рашковски потенцира дека една од најзначајните работи во поглед на јавните набавки е и воведувањето на категоризацијата на производите, што подразбира дека за производите и добрата ќе има информации, како што вели, буквално до најситниот детаљ.

„Новина во јавните набавки ќе биде категоризација на производите и услугите што ќе се набавуваат. За што станува збор? Категоризацијата е во согласност со барањата на Европската Унија и се работи за мошне корисен сегмент во јавните набавки. Поконкретно, категоризацијата претставува прикажување на производот до детали. На пример, ако се работи за шрафовска стока, во категоризацијата на услугите и добрата ќе мора детално да се смести и да се опише стоката што се набавува. Тоа се нарекува европски детерминирана класификација. Со тоа точно, значи, до детаљ ќе се знаат карактеристиките на производот, и кога ќе се објави планот за јавни набавки, компаниите и граѓаните точно во детали ќе знаат за производот. Така ќе можат да знаат од каде може да се набават тие производи и со кого можат да стапат во преговори за навремена набавка на тие производи. Практично, тоа значи дека преку категоризацијата ќе се добие целиот спектар на производи до најситен детаљ“, вели Рашковски.

Но, додава генералниот секретар, тука не завршува процесот на транспарентност. Имено, понатаму точно ќе се знае и за што сè конкретно се искористил одреден производ. Практично, ако се набавила шрафовска стока, точно ќе се знае за што е наменета, ако е за поправка на инвентар, за кој инвентар е употребена и каде се наоѓа тој инвентар.

„Она што треба да се истакне е дека централниот систем би проверувал дали набавката е во склад со планот за јавни набавки. Се разбира, ќе биде оставен простор за модификации во согласност со наметната потреба од јавната набавка, но важно е што системот детално ќе го мониторира процесот на јавни набавки и ќе алармира ако не е компатибилен со Програмата на Владата, поточно со утврдените стратешки приоритети. Не може на некој да му текне да објави потреба од јавни набавки за нешто што не е во насока на приоритетите, или пак што не е во согласност со Програмата и она што значи интерес на институциите и граѓаните“, вели Рашковски.

Точно ќе се знае каде и за што се користат добрата и стварите

Како круцијална новина во етаблирањето на новиот систем Рашковски го издвојува и располагањето со стварите и организирањето на настаните.  Новината за располагањето со средствата како потрошни средства, вели тој, би било мошне значајна и корисна и од аспект на институциите и од аспект на интересите на граѓаните. Според оваа новина, додава генералниот секретар, точно ќе се знае каде се потрошните средства и за што ќе се користат, дали се во насока на исполнување на стратешките приоритети.

„Точно ќе се знае зошто е набавено едно добро и зошто се користи. Ако се набавува на пример  лаптоп, да се знае за каде се набавува, а не, како што имало случаи во минатото, лаптопот да се однесе дома. Има такви случаи – се купувале лаптопи, мобилни и никој не знае каде се наоѓаат“, вели Рашковски, посочувајќи дека и организирањето на настаните ќе биде во насока на исполнување на стратешките приоритети и дали конкретен настан е врзан со Програмата за работата на Владата.

Тоа, појаснува генералниот секретар, подразбира дека кога ќе се организира некој настан, ќе се знае која е неговата цел, да речеме евроинтеграции, со што би се имало директен увид за бенефициите од реализацијата на конкретни настани, кои секако се поврзани со користењето на јавните финансии.

„Предноста на овој централизиран систем како мозок на работата и на транспарентноста би била точната информација за тоа што се направило во одреден период, во кои области, колку е набавено, дали тоа било за евроинтеграциите, за образованието или за пак за одбраната, како се располага со производите, каде се употребени и од кои причини се организирале конкретни настани и што се постигнало со нив“, додава Рашковски.

И реализацијата на заклучоците ќе се следи транспарентно и детално

Генералниот секретар вели дека суштинска реформа во однос на спроведувањето на стратешките приоритети ќе биде и набљудувањето на реализацијата на заклучоците донесени од Владата.

„Тоа ќе се спроведува преку методологијата на следењето на текот на работите, попозната како ‘workflow’. На пример, Владата носи одлука да се изгради училиште во Општина Илинден, да речеме. Според досегашната практика, никој не гарантира дека тој заклучок ќе биде спроведен. Донесен е заклучок, мислиш се спроведува, а таму не се прави ништо. Затоа, кога се носи таква одлука, мора да се следи текот на работата, но во областите каде што не постои процедура. Да речеме за вадење лична карта, се знае, има процедура. Но, за тој тип на одлуки треба да има соодветно следење на работите и затоа со носењето на одлуката ќе започне и процесот на мониториниг на работите, за што ќе биде потребен и доказ. На пример, во случајот со градба како што е училиште, во одреден рок потребен е доказ за отпочнување на градбата, во одреден рок – доказ за одобрението, во одреден рок – доказ за поставени темели, за поставена карабина, како и за комплетно уредување, па сè до употребна дозвола. Тука треба да се нагласи дека доказот за фазата на поставени темели, или пак комплетно уредување ќе биде преку прикачување и доставување на видеоклип од самото место на градбата“, појаснува Рашковски.

Целата оваа постапка, додава Рашковски, би била соодветно и лесно појаснета и што е најважно и таа ќе биде дел од централниот систем и софтвер кој ќе алармира дека нешто не е запазено или дека некаде има застој.

„Алармирањето ќе биде на дневна основа и, како што споменав, нема да се однесува само на спроведувањето на владините заклучоци, туку и на прашањата со јавните набавки, располагањето со стварите и јавната администрација. Точно ќе се знае во кој сегмент, во кое министерство или во која институција има застој, но и во која област има подобрување или вложување, па и во однос на намалување, или пак зголемување на вработеноста. Сето тоа се важни мониторинг индикатори за државата“, вели Рашковски.

„Преку индикаторите ќе се знае до каде сме со јавната потрошувачка, до каде сме со вработувањата, зошто во овој сектор има намалување на вработеноста, зошто некоја компанија отпуштила работници. На пример, системот би бил врзан со Агенцијата за вработување. По тие индикатори, може да се разговара со компанијата за да се види во што е проблемот, дали тој проблем е поради државата и што треба да се стори околу тоа. Овие мониторинг индикатори, се разбира, би се однесувале и на БДП и на движењето на фирмите. Значи, во секој сегмент да се детектираат проблемите тековно и да се дејствува тековно, а не да се чекаат индикаторите подоцна кога веќе нема да може ефикасно да се реагира“, додава и образложува генералниот секретар на Владата.

Поборник сум за транспарентност

„Јас сум голем поборник за транспарентност на институциите, и затоа овие мои предлози и идеен софтвер се во таа насока. Централизираниот систем како главен мозок во кој би биле вклучени активностите на сите институции и администрацијата е голема предност за граѓаните и државата. Транспарентноста и совесноста се клучни за работењето на администрацијата и јас работам за таа цел“, истакнува генералниот секретар.

„Имаше некои написи дека јас наводно сум вработувал членови на моето семејство. Таквите написи ги оценувам како тенденциозни и невистинити. Затоа и велам, нека се најде кој било член на моето семејство, прв братучед, чичко, вујко, тетка, тетин… вработен во администрацијата, па ќе се види за вистинитоста на тие шпекулации. Прво треба да се знае значењето на зборот непотизам, па потоа да се говори за тоа. Непотизам е кога некој се вработува на некоја позиција исклучиво поради роднински врски со работодавачот. Впрочем за сите обвинувања веќе има судски процеси“, вели Рашковски.

Иноваторството е семејна љубов – сестра ми и нејзиниот сопруг се успешни научници

Како иноватор генералниот секретар Рашковски вели дека иноваторството за него претставува голема инспирација и љубов на која посветил многу години. Кога веќе говориме за иноваторството, додава тој, тоа е и некоја семејна љубов. Мојата сестра е научник и иноватор на медицински уреди за ЕКГ и за постоперативен третман на колена, додека пак мојот зет е научник чиј алгоритам ќе се користи за снимање на површината на Марс.

„Тие се одлични научници, со над 70 објавени трудови со импакт-фактор и гордост е што се дел од светската наука. Сестра ми е добитник на наградата Иноватор на годината во Словенија. Замислете како би било тоа коментирано во Македонија доколку некој реши да ги ангажира во Република Македонија. Како непотизам? ‘Не смеат’ да дадат свој придонес за развојот на Република Македонија затоа што братот е генерален секретар на Владата и евентуален ангажман би бил акт на непотизам?“, резимира генералниот секретар на Владата.

 

М.В