/ Прочитано:

1.133

Расправа за подзаконските акти за тарифа за водна услуга и на регулаторната тарифа за водна услуга

Членките на Групацијата за водовод и канализација во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, на денешниот состанок, разговараа за Предлог-текстот на правилникот за начин и постапка за утврдување на тарифа за водна услуга и на регулаторната тарифа за водна услуга и за Предлог-текстот на методологијата за определување на тарифите за водна услуга, доставени од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Со овие документи се регулираат подзаконските акти во рамките на законот за утврдување на цени на водните услуги кој почнува со примена од 1.1.2018 година за општините со над 10.000 жители и од 1.1.2019 година во општините со помалку од 10.000 жители.

Членките на Групацијата, анализирајќи ги двата нацрт-документи, изнесоа свои ставови и забелешки со образложение, зошто сметаат дека во одредени членови од Правилниот и во Методологијата треба да се направат одредени измени и дополнувања.

„Во согласност со начинот на кој организациски и технички функционираат јавните комунални, односно водоводните претпријатија, добро е почетокот на примена на законот да биде одложен за најмалку една година. Сепак, на состанокот беше заклучено дека отстапување, односно пролонгирање на рокот за имплементација на законот нема да се случи, бидејќи во согласност со добиените грантови на повеќе комунални претпријатија за изградба на пречистителни станици, доколку се случи одложување на примената, државата ќе мора да им ги врати сите пари на донаторите“, посочуваат од Групацијата за водовод и канализација.

Во согласност со новиот Закон за цени на водни услуги, во секоја општина водоводното, односно комуналното претпријатие ќе ја утврдува цената според одредени формули дефинирани во методологијата кои ќе се базираат врз економски оправдани принципи на работење. Регулаторната комисија за енергетика доби законска надлежност исто како и цената на енергенсите да ја регулира и цената на водните услуги.

М.В