/ Прочитано:

4.243

Разговор со тимот од „Јустинијан Први“ кој постигна голем успех на најголемиот светски натпревар по меѓународно арбитражно право

Кристијан Милошевиќ, Ана Миовска, Влатко Токарев, Ениса Рами, Петар Митрески, Ивана Ужевска и ас. м-р Љубен Коцев

Правниот факултет „Јустинијан Први“ повторно помеѓу најдобрите во светот за меѓународно арбитражно право. Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје на најголемиот натпревар во светот од областа на меѓународното арбитражно право – Вилем K. Вис, во конкуренција од 357 тима, обезбеди пласман во финалната рунда од 64 најдобри во светот.

Натпреварот  веќе 25 години се одржува во Виена, Австрија, а Правниот факултет „Јустинијан Први“ од своето прво учество во 2009 година четири пати успева да се вброи високо меѓу најдобрите факултети во светот.

На најголемата арбитражна олимпијада, како што го нарекува Би-би-си натпреварот, Правниот факултет се пласираше во рангот на најдобрите факултети во светот за меѓународно арбитражно право.

Тимот под менторство на проф. д-р Тони Дескоски го сочинуваа студентите: Ениса Рами, Влатко Токарев, Петар Митрески, Ана Миовска, Кристијан Милошевиќ, како и Ивана Ужевска која учествуваше во составувањето на писмените поднесоци. Во подготовките на студентите учествуваа и доц. д-р Вангел Доковски, д-р Ана Пепељугоска и ас. м-р Љубен Коцев.

Студентите учесници на натпреварот за Академик велат дека за нив учеството на натпреварот било извонредно и драгоцено искуство, но и исклучителен мотив да напредуваат во правната професија. Велат дека деновите поминати на натпреварот придонеле многу да созреат како млади правници  бидејќи, како што нагласуваат, чест е да се биде дел од светската правна мисла, наука и практика, и тоа во друштвото на најдобрите.

„За натпреварот се подготвуваме повеќе од шест месеци. Работевме макотрпно и со голема помош од проф. д-р Тони Дескоски и доц. д-р Вангел Доковски, д-р Ана Пепељугоска и ас. м-р Љубен Коцев. Благодарејќи на професорите се подготвуваме од врвна правна литература. Секако, покрај нашата упорност и инспирација да успееме, нашиот успех во голема мера е придонес на нашите професори и тренери“, нагласуваат студентите кои се на последипломски студии по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На Правниот факултет, додаваат тие, секојдневно се подготвуваме по неколку часа, но нашата дружба продолжуваше и потоа, едноставно, се посветивме целосно на натпреварот со огромен мотив да се најдеме помеѓу најдобрите, што впрочем е и традиција на „Јустинијан Први“, кој веќе години наназад е дел од најреномираниот светски натпревар по меѓународно арбитражно право.

„Предноста во подготовките е што се работи тимски, се размислува аналитично, се елаборира даден случај кој им е даден на сите тимови учесници на натпреварот и се прави стратегија за настап. Покрај теоретската подготовка, потребна е солидна подготовка од аспект на правното размислување, приложувањето на правната аргументација, познавањето на англискиот јазик, но и ораторските способности за да се презентира случајот. Самодовербата, исто така, е клучна во ваков тип на натпревар бидејќи арбитрите го гледаат и тоа, значи ја евалуираат и способноста да се образложи случајот и колку се има убедливост во презентацијата на правните аргументи“, велат студентите.

Почетна трема, додаваат тие, секогаш постои, но таа брзо се надминува уште при првите минути на настапот. Ако си доволно подготвен, самодовербата надвладува. Така беше и со нас.

„Имавме одличен настап и арбитрите го препознаа нашиот квалитет и добрата подготовка. Среќни сме што повторно го вброивме ‘Јустинијан Први’ помеѓу најдобрите и ги повикуваме нашите помлади колеги да бидат дел од овој натпревар кој ќе придонесе многу во нивниот иден професионален развој како правници“, нагласуваат студентите Ениса Рами, Влатко Токарев, Петар Митрески, Ана Миовска, Кристијан Милошевиќ и Ивана Ужевска.

Тие додаваат дека предност на натпреварот е што се отвораат можности како за понатамошен научен развој така и за работен ангажман бидејќи на натпреварот учествуваат најреномираните имиња од правната наука, правосудството и светската деловна заедница. Нашата желба за понатамошен професионален развој, велат студентите, е да бидеме дел од адвокатурата.

На таквите можности посочува и ас. м-р Љубен Коцев, кој постигнувајќи огромни успеси на натпреварот доби и можност да студира во Германија, за потоа да продолжи со наставно-научна дејност на Економскиот факултет, каде што предава предмети од областа на првото.

Несомнено, вели Коцев, можностите од натпреварот се големи и тие треба да се искористат. Успесите на натпреварот се успех и за УКИМ и за Република Македонија и сигурен сум дека и во иднина со ваква подготовка, посветеност и мотивираност ќе има уште успеси.

М.В