/Прочитано:

836

РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО – ОД ПРИБЕ 1 ДО ПРИБЕ 2 И ПОТОА

Првиот мониторинг извештај „РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО – ОД ПРИБЕ 1 ДО ПРИБЕ 2 И ПОТОА“ е изработен во рамките на проектот  „Заедничка акција за итни реформи во судството“, кој е реализиран од страна на Институтот за човекови права (ИЧП) како носител на проектот, во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Институтот за европска политика (ЕПИ).

Овој мониторинг извештај е базиран врз итните реформски приоритети, од јуни 2015 година, во делот на владеењето на правото и судството – сектор правосудство (кој за основа ги има првиот Извештај на експертската група, предводена од Рајнхард Прибе, од 2015 година и вториот Извештај на експертската група, предводена од Рајнхард Прибе, од септември 2017 година). Прибирањето на податоците за овој извештај главно беше базирано врз  изработената методологија за следење на институции од правосудниот систем на Република Македонија, со цел идентификување на реформите кои беа утврдени како приоритет (ИРП).

Во врска со извештајот, денеска се одржа презентација на овој извештај при што имаше плодна дискусија од сите засегнати страни. Заклучоците и насоките искажани во рамките на дискусијата, посочија од Институтот за човекови права, ќе бидат земени предвид и ќе бидат дополнителна основа за изработување на следниот квартален извештај.

На денешната дискусија, Маргарита Цаца Николовска, претседател на Институтот за човекови права и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, рече дека кога станува збор за судството не може да се очекува реформите да бидат направени за многу кратко време.

„Заробената држава толку години била во една таква состојба така што сега и да се сака  веднаш нешто да се направи е невозможно. Можам да кажам дека има голема волја и ентузијазам за работа од сите страни и оти реформите ќе бидат направени во еден малку подолг процес, особено во делот на она што значи Судскиот совет, неговите одговорности и надлежности и сето она што би водело кон овозможување на независност и непристрасност во судството“, нагласи Цаца Николовска, која слабостите во судството првенствено ги лоцира кај Судскиот совет.

„Најголем проблем има во Судскиот совет и во дел од судиите коишто постапувале по предмети. Проблемот е во тоа што на некој начин има голема пречка во оценување на тоа кој и на каков начин неодговорно и несовесно се однесувал. Тие работи  не може така бргу да се решат. И мислам дека со изборот на државниот јавен обвинител ќе се отвори простор за поголеми можности за реагирање и за евентуално покренување на соодветни постапки како од Обвинителството, така и од другите органи. Сепак, сè уште немам видено некакви реакции однатре во однос на постапување од страна на судиите“, образложи судијката Цаца Николовска.

На настанот, а во врска со мониторинг извештајот беше нагласено дека е потребна деполитизација на изборот и на унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практика, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни и критериуми засновани на заслуги.

Исто така, потребно е примена на хармонизиран систем на учинок заснован врз квантитативни, но и квалитативни стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во Јавното обвинителство, како и да се отстранат елементите од системот за дисциплинска одговорност и за разрешување за судиите кои во моментов ја поткопуваат судската независност и во теорија и во практика.

Потребно е обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија (т.е. јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“) и обезбедување проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштита на нивната независност и заштита од влијанија (како преку подобрена комуникациска стратегија, така и преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок).

Исто така, потребно е да се унапреди квалитетот на обуката, буџетот и автономијата на Академијата за судии и обвинители (и да се поттикне испраќањето национални судии на стаж во ЕСЧП), но и да се обезбеди објавување на сите судски пресуди во јасни рокови определени со закон (и да се обезбедат целосни можности за пребарување и за олеснет пристап).

Воедно, потребно е и да се изработи досие за вкупната должина на судските постапки со специјален фокус врз „стари предмети“ и да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на ЕСЧП против државата (особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи).

„Транспарентноста на Судскиот совет се зајакнува во периодот по септември 2016 година, а по првпат е воспоставена практика при изборот на в.д.претседател на Основниот суд Скопје 1, тој да биде назначен од редовите на судии од Врховен суд, како и при изборот на претседател на Врховен суд кога кандидатите за претседатели беа поделени во три засебни листи без никакво образложение. Во однос на Советот на јавните обвинители, како заклучок може да кажеме дека од 1 јули 2015 заклучно со 30 септември 2017 година избрани се тројца јавни обвинители во Јавното обвинителство на РМ, четворица во вишите јавни обвинителства, 15 јавни обвинители се избрани во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и спречување на корупција. Во овој цел период се разрешени 21 јавен обвинител, при што двајца се именувани на други функции, а притоа е интересно што ниту еден од овие јавни обвинители не е разрешен поради несовесно и нестручно вршење на својата функција ниту пак е покрената дисциплинска постапка за сторена потешка дисциплинска повреда. Од друга страна, пак, во периодот 1 јули 2015 – 1 јули 2017 година се поднесени 145 претставки и поплаки од страна на граѓани и други субјекти, но ниту една од нив не била основ за сомневање во насока на покренување дисциплинска постапка против кој било јавен обвинител“, истакна Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права., истакна Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права.

На денешниот настан, Ива Цоневска од Институтот за европска политика говореше за работата на Академијата за судии и јавни обвинители. Во мониторинг извештајот, рече Цоневска,  се посочува дека ова тело го подобрило квалитетот на своите обуки и дека добило зголемен буџет за 2016 година за 30 проценти во однос на 2015 година.

„Тоа не е доволно. Ваквиот буџет на Академијата треба да биде зголемен со оглед на фактот дека дел од обуките и активностите се финансираат со помош на странски донатори. Во мониторинг извештајот се препорачува Академијата да го подобри квалитетот на почетните обуки и на обуките за поглавјето 23 и 24 како клучни за претпристапните преговори со ЕУ“, појасни Цоневска.

Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, во однос на препораките од Извештајот на Прибе говореше за извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права, при што следена е работата на Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, како и делот на работата на меѓуресорската група која е задолжена да го следи процесот на извршување на пресудите против РМ.

„Иако во Извештајот на Прибе беше сугерирано да се зголемат активностите на меѓуресорската група, забележавме дека тие беа намалени. Во 2015 се одржани само четири состаноци, во 2016 еден и во 2017 исто така еден состанок кој е одржан само пред еден месец што е загрижувачки затоа што голем број пресуди од ЕСЧП против РМ чекаат да бидат извршени“, нагласи Дранговски.

М.В