/ Прочитано:

1.475

Реформите за следење на комуникациите да не бидат козметички, предупредуваат граѓанските организации

Денеска во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН), а во соработка со Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ и Институтот за европски политики (ЕПИ), се одржа дебата на тема „Реформа на следењето на комуникациите – суштински или козметички промени?“.

Со предложениот Закон за Оперативно-техничка агенција , кој е дел од реформата за следењето на комуникациите и за кој се говореше на денешната трибина, се уредува основањето на Оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во Оперативно-техничката агенција и нејзиното финансирање.

Во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите, кој исто така е дел од реформските закони,  се уредуваат и обврските за Оперативно-техничката агенција и операторите. Во делот за правата и обврските на Оперативно- техничката агенција   и на операторите, во Законот се пропишува дека ОТА и операторите се должни активностите поврзани со следење на комуникациите да ги забележуваат во системот на електронскиот регистар.

Операторите, се пропишува во Законот, се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со овој закон. Операторите се должни на сопствен трошок да обезбедат и да одржуваат  опрема, да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до OTA, со цел да се овозможи спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа во согласност со овој закон. Агенцијата за електронските комуникации по барање на ОТА врши надзор врз операторите за исполнување на обврската.

Предложените законски текстови, беше нагласено на денешната трибина, не се во согласност со препораките од ЕУ, особено во контекст на директниот пристап на државните органи во целокупниот телекомуникациски сообраќај.

„Со предложената реформа се креира  нов центар на моќ кој сега наместо УБК ќе се вика ОТА, која повторно ќе ги добива сите разговори и пораки кои ги праќаат граѓаните преку електронските комуникациски мрежи и ќе ги пренасочуваат до другите државни органи. Сметаме дека ова не е во духот на препораките на Прибе ниту на она што е наведено во реформските приоритети каде што се наведува дека Владата треба да има пристап само врз основа на судска наредба“, истакна Александар Николов од Асоцијацијата „Зенит“.

„Во предложените законски измени за реформите во следењето на комуникациите недостасува надзор од граѓанските организации, како и од Парламентот“, истакна раководителот на проектот „Расправи за политиките на реформските приоритети“, Гордан Георгиев.

Покрај надзор од граѓанските организации и од Парламентот, беше истакнато на денешниот настан, недостасува и надзор од Народниот правобранител и од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Директорката на Институтот за европски политики Симонида Кацарска посочи дека во надзорот граѓанските организации треба да имаат капацитет и демократско влијание што се очекува од нив, што не било искуство во некои европски земји.

На настанот беше резимирано дека препораките од трибината и од граѓанските организации ќе бидат прифатени во дебата за финализирање на законските решенија во областа на следењето на комуникациите, кои мора, како што беше нагласено, да бидат усогласени со препораките на експертите на Европската Унија.

М.В