/ Прочитано:

2.023

Регионална конференција „Зајакнување на квалитетот на правдата во светло на правосудната реформа“

По повод Денот на правосудството, а во рамки на активностите предвидени со годишната програма за работа, Здружението на судиите, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организира дводневна регионална конференција на тема „Зајакнување на квалитетот на правдата во светло на правосудната реформа“.

Транспарентноста на судството е клучна за враќањето на довербата на граѓаните во судската власт. Правосудните реформи треба да се реализираат заради граѓаните и заради нивното право на пристап до правдата и на пристап до независен и објективен суд кој ќе гарантира фер судски постапки.

Ова беше нагласено на почетокот на првиот ден од регионалната конференција, на која присуствуваа судии,  претседатели на апелационите и на основните судови, судии во Врховниот суд на РМ,  претставници од Министерството за правда, дипломатски претставници, адвокати, правни практичари, како и претставници на граѓанските организации и академската заедница.

Поздравни обраќања на денешниот настан имаа д-р Џемали Саити, судија на Врховниот суд и претседател на Здружението на судии, Алфредо Стриполи, раководител на Отсекот за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Скопје и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Во поздравните обраќања беше потенцирано значењето на денешниот настан, како и улогата на Здружението на судии, кое, како што подвлече неговиот претседател Саити, е посветено на градењето независно судство и зајакнат квалитет на правдата како исклучително важен сегмент во реформите на правосудството.

Алфредо Стриполи нагласи дека е од голема важност што на денешниот настан ќе се говори за теми и прашања од областа на судството, кои ќе имаат придонес кон успешното спроведување на поставените цели за квалитетот на правдата во Македонија.

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, потенцираше дека за спроведувањето на реформите во правосудството потребна е волја и заедничко учество на сите чинители, правосудни, но и политички, кон создавање на применливи законски решенија, во согласност со Стратегијата за реформи. Најважно е, нагласи Ристовски, што реформите се насочени кон она што значи фер и правично судење.

Говорејќи за независноста и транспарентноста на судството како гарант за квалитетна правда, претседателот на Кривичниот суд, судијата Иван Џолев, подвлече дека токму граѓаните се  најголемиот суд за судиите, кој најдобро говори за квалитетот на судската работа. Судиите, посочи Џолев, не може да бидат оценувани со некакви математички операции и збирови бидејќи таквите оценувања служат да се наметне страв кај судиската фела, а создаваат и можности за уцени.

Џолев нагласи и дека покрај апсурдноста на оценувањето на судиите, апсурдни биле и законските решенија кои ја загрозиле нивната независност. Судиите, истакна Џолев, не смеат да трпат притисоци и не смеат да трпат, како што подвлече, нарачани постапки за несовесно работење, кои служат за да се заплашат судиите. Јас и мои колеги, образложи Џолев, сме поминале низ таа голгота на неоправдани постапки против нас. Тоа не смее да биде практика во иднина и многу е важно и Здружението на судиите да биде вклучено во таквите постапки како еден вид синдикат и заштитник на судиите.

Судијата Бетим Јахја на денешната конференција се осврна на прашањето за предизвиците на практиката поврзани со судската независност и непристрасност, а по неговото излагање се разви дебата за состојбата на судствата во регионот, за која говореа претставниците на здруженијата од земјите во Југоисточна Европа.

Во рамки на активностите на регионалната конференција, утре ќе се одржи Свечената академија на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев, кој воедно е и претседател на Советот за следење на имплементацијата на реформите во правосудството. Исто така, на Конференцијата ќе говори и Нина Суомалаинен, шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и американскиот амбасадор Џес Бејли.

М.В