/Прочитано:

4.801

Регистрација и оданочување со ДДВ на физички лица

Даночен обврзник за целите на ДДВ е секој самостојно активен економски субјект кој постојано или повремено врши исполнувања за надоместок. Даночни обврзници, појаснуваат од УЈП, можат да бидат правни и физички лица, како и здружување на лица кои трајно или повремено самостојно вршат стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност.

Што се смета како постојаност и самостојност во вршење на стопанска дејност на физичко лице за цели на регистрација за ДДВ?

Како критериуми, појаснуваат од УЈП, кои се земаат предвид за да се утврди постојаност на стопанската дејност се: планското повторување на одредена дејност, интензитетот на дејствување (вршење на повеќе од еден промет), учеството на пазарот како производител, трговец или вршител на услуги, водењето на деловен локал, настапувањето спрема трети лица. Самостојна дејност постои кога дејноста се врши за своја сметка и на своја одговорност. Како самостојна дејност не се смета дејноста на физичките лица кои поединечно или здружени се вработени во некое претпријатие и врз таа основа примаат плата, им се плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување и се обврзани да се повикуваат на упатствата на работодавачот. Физичкото лице го задржува својството на вработено лице во случај на негово изнајмување врз основа на договор за изнајмување на работници и не станува даночен обврзник врз основа на договор за дело или договор за вршење функција. Активностите на професори и доценти во високошколски институции, службеници итн., кои се вршат покрај активностите утврдени со договор за вработување, начелно се самостојни активности.

Регистрација за целите на ДДВ на физички лица

„Сите даночни обврзници физички лица кои вршат стопанска дејност што се оданочува за целите на ДДВ, а во претходната календарска година (2017) оствариле вкупен промет над 1.000.000 денари, имаат обврска да се регистрираат за целите на ДДВ најдоцна до 15 јануари 2018 година. Обврска за задолжителна регистрација за целите на ДДВ имаат и даночните обврзници физички лица кои во текот на 2018 година ќе остварат вкупен промет над 1.000.000 денари од вршење на стопанска дејност што се оданочува за целите на ДДВ, и тоа до 15 во месецот кој следува по месецот кога е остварен прометот. Во периодот од 1-ви до 15-ти јануари 2018 година, покрај задолжителната регистрација, Законот за ДДВ дава можност за доброволна регистрација за целите на ДДВ и тоа на оние даночни обврзници кои не ги исполнуваат условите за задолжителна регистрација, односно даночните обврзници кои во претходната календарска година не оствариле промет над 1.000.000 денари. За регистрација за целите на ДДВ се поднесува пријава за регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01)“, информираат од УЈП.

Кои приходи влегуваат во вкупен промет за регистрација за целите на ДДВ

Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење на стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите врз основа на членување во надзорен одбор и сл.

Даночна основа

Даночна основа за ДДВ е вкупниот износ на надоместокот што е добиен, вклучувајќи го персоналниот данок на доход, без вклучен данок на додадена вредност.

Враќање на данокот на додадена вредност

„Даночниот обврзник физичко лице, регистрирано за целите на ДДВ, има право на одбивка на претходниот данок за влезните исполнувања, доколку ги употребува набавените или увезените добра, односно примените услуги за цели на неговата стопанска дејност, доколку поседува фактура која е издадена во согласност со членот 53 и 53-б од Законот за ДДВ, царинска декларација во која е посебно искажан платениот данок за увозот или актот кој е основа за стекнување со сопственост на движни и недвижни добра кој е изготвен од страна на субјектот надлежен за спроведување на постапката за присилна наплата“, посочуваат од УЈП во информациите за Регистрација и оданочување со ДДВ на физички лица.

М.В