/ Прочитано:

1.776

Регулаторните тела за медиуми АЕК и АВМУ ќе бидат набљудувани од четири невладини организации

Двете регулаторни тела ќе бидат следени од аспект на транспарентноста и независноста на нивната работа, навременото извршување на нивните обврски, како и од аспект на влијанието на нивната работа врз остварувањето на јавниот интерес. Она што е најважно во спроведувањето на повеќемесечниот проект, како што објаснуваат невладините организации, е запознавање на граѓаните со работата и надлежностите на АЕК и на АВМУ бидејќи луѓето немаат целосна слика за вистинската улогата на овие две институции. За оваа цел, четирите невладини организации изработија основен документ за мониторинг во којшто е детално прецизирана методологијата што ќе се применува за време на набљудувањето.

Камермани медиуми

Четири невладини организации (Македонски центар за европско образование, Транспарентност Македонија, НВО Инфоцентар и Хелсиншки комитет), во текот на 2017 година и во првите три месеци од 2018, ќе ја следат работата на две регулаторни тела кои имаат надлежност врз работата на медиумите, а тоа се Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Двете регулаторни тела ќе бидат следени од аспект на транспарентноста и независноста на нивната работа, навременото извршување на нивните обврски, како и од аспект на влијанието на нивната работа врз остварувањето на јавниот интерес. Она што е најважно во спроведувањето на повеќемесечниот проект, како што објаснуваат невладините организации, е запознавање на граѓаните со работата и надлежностите на АЕК и на АВМУ бидејќи луѓето немаат целосна слика за вистинската улогата на овие две институции. За оваа цел, четирите невладини организации изработија основен документ за мониторинг во којшто е детално прецизирана методологијата што ќе се применува за време на набљудувањето.

Горан Лазаров, истражувач во Македонскиот центар за европско образование, вели дека идејата за иницирање на проектот потекнува од досегашните анализи кои ги спроведувала оваа организација, кои покажуваат дека граѓаните не се запознаени со работата АЕК и АВМУ.

„Перцепцијата на јавноста за работата на јавните институции, т.е. на регулаторните тела чија надлежност е работата на медиумите, е најважното нешто во едно демократско општество. За жал, кај нас не е така бидејќи граѓаните воопшто не знаат која е основната дејност на овие институции кои се предмет на нашето мониторирање. Нашата цел во наредниот период ќе биде да ја приближиме работата на АЕК и АВМУ до јавноста, со тоа што на секој квартал ќе организираме јавни дебати на кои ќе ги презентираме извештаите од набљудувањето. Во основниот документ што го изработивме децидно е наведено дека според препораките и добрите практики, регулаторните тела во интерес на јавноста и во рамките на националните закони ги остваруваат националните политики во определена дејност утврдени со нивните стратешки документи и одобрени од страна на надлежните институции. Токму затоа регулаторните тела треба редовно да ја информираат јавноста за исполнувањето на своите надлежности и да покажат дека ефикасно и ефективно ги исполнуваат зададените обврски, со интегритет и објективност. Одговорноста, транспарентноста и отчетноста се на едната страна на паричката, додека на другата страна е независноста, и затоа е најважно да се воспостави рамнотежа меѓу овие принципи“, изјави Лазаров.

Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар нагласи дека првиот извештај за работата на АЕК и АВМУ ќе биде презентиран во февруари, и тоа, како што вели, ќе биде анализа на работата на двете регулаторни тела во периодот од октомври до декември 2016 година.

„Последните три месеци од минатата година беа изборен период, па токму затоа една од работите на кои ќе се фокусираме во првиот извештај што го подготвуваме е работата на Ад хок телото и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Јавните дебати, кои ќе ги организираме на секој квартал, ќе бидат фокусирани на теми и проблеми кои на некој начин ќе ја одбележуваат работата на АЕК и АВМУ, а кои ќе бидат предмет на нашето мониторирање. Инаку, би сакала да нагласам дека и Европската комисија во годишните извештаи за напредокот на Македонија има низа забелешки од областа на електронските комуникации и медиумите. Некои од нив, кои се клучни, а кои се повторуваат повеќе од 3 години ние уште еднаш ги посочивме во документот за мониторинг:

1) Кредибилитетот на АЕК останува нарушен поради распределбата на вишокот средства за други намени, кои не се поврзани со развојот на електронските комуникации.

2) Административните такси наметнати за операторите се намалени, но сè уште се високи.

3) Сè уште не е воведен бројот за итни случаи 112 поради недостиг на финансиски средства.

Овој прв документ ја претставува основната рамка за поставеноста на регулаторите и ги дава основите на методологијата на мониторинг.

Важноста на релацијата јавен интерес – медиуми е потенцирана и во извештајот на Прибе:

„Сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок, без мешање и закани. Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии. Медиумите играат посебно важна улога во ситуации на политичка криза. Од јавен интерес е нивната задача да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или општеството.“

Оттаму, како што се наведува во документот, треба да се нагласи дека во рамките на овој проект работата на двата регулатори (АВМУ и АЕК) ќе се следи низ призмата на заштитата на јавниот интерес. Основната цел на проектот е дефинирана врз основа на бројните меѓународни и домашни извештаи и анализи кои и кај АВМУ и кај АЕК детектираат сериозни проблеми со независноста и функционирањето.

А. Б.