/ Прочитано:

1.984

Рекламните видеоспотови ги поттикнуваат родовите стереотипи

Управата за стандарди во рекламирањето, која работи во рамки на Регулаторното тело за маркетинг на Велика Британија, соопшти дека рекламите што прикажуваат неспособни сопрузи и мајки оптоварени со домашни обврски претставуваат родови стереотипи, а последните истражувања покажуваат дека сето ова има многу негативни ефекти по националното здравје. Од овие причини, британското Регулаторно тело за маркетинг предупреди дека ваквите рекламни видеоспотови наскоро може да бидат забранети. Милева Ѓуровска, професорка по економска социологија, смета дека одговорот на вечната дилема – дали рекламните спотови ја отсликуваат реалноста или, пак, ја креираат гласи: видеорекламите многу верно ја прикажуваат реалноста и ги одржуваат родовите стереотипи, а истовремено и ја креираат.

Британското Регулаторно тело за маркетинг предупреди дека наскоро може да бидат забранети рекламните видеоспотови во кои жените се прикажуваат исклучиво како очајни домаќинки, преоптоварени со домашни работи, а мажите се претставени како личности кои се обидуваат, но не успеваат да ги извршат ниту наједноставните родителски или домашни обврски.

Управата за стандарди во рекламирањето, која работи во рамки на Регулаторното тело за маркетинг, соопшти дека рекламите што прикажуваат неспособни сопрузи и мајки оптоварени со домашни обврски претставуваат родови стереотипи, а последните истражувања покажуваат дека сето ова има многу негативни ефекти по националното здравје.

Експертите од Регулаторното тело за маркетинг на Велика Британија, исто така, предупредуваат дека би можеле да бидат забранети и оние реклами во кои одредени активности се прикажуваат како несоодветни за момчињата бидејќи стереотипно се поврзуваат само со девојчињата, но и обратно. Како пример ја наведуваат рекламата за една формула за млеко во која девојчињата што биле хранети со тоа млеко стануваат балерини, а момчињата инженери.

Благодарение на иницијативата на Регулаторното тело за маркетинг на Велика Британија, како што велат експертите, повеќе не се емитуваат рекламни видеоспотови во кои е сугерирано дека одредено парче облека мора да го носат само млади девојки кои се нездраво слаби.

„Во ЕПП-блоковите повеќе не може да се видат рекламни видеоспотови со анорексични манекенки“, истакнуваат од британското Регулаторно тело за маркетинг.

Без разлика на фактот што ова тело нема ингеренции парично да ги казнува прекршителите, британските емитери се обврзани да ги почитуваат сите негови одлуки, пред сè поради условите за добивање лиценца.

Милева Ѓуровска, професорка по економска социологија, смета дека одговорот на вечната дилема – дали рекламните спотови ја отсликуваат реалноста или, пак, ја креираат гласи: видеорекламите многу верно ја прикажуваат реалноста и ги одржуваат родовите стереотипи, а истовремено и ја креираат.

„Колку повеќе се емитуваат рекламните видеоспотови, тие сè поинтензивно влијаат на ставовите на луѓето. На тој начин се поттикнуваат родовите стереотипи. Неодамна и мене ме изнервира рекламен видеоспот во кој девојче мие садови. Зошто да не е момче? Токму затоа, сметам дека ова што го најавува британското Регулаторно тело за маркетинг е еден подрастичен чекор за надминување на родовата нерамноправност и сметам дека ќе има огромно влијание во креирањето на мислењето и ставовите и кај обичните луѓе, кај граѓаните, односно публиката која верно ги следи рекламните видеоспотови. Истовремено, сметам дека крајно време е и компаниите што рекламираат свои производи да го променат начинот на размислување, особено сега кога станува збор за конкретна политика што ја спроведува Британија, а со цел да се надминат родовите стереотипи“, истакнува професорката Ѓуровска.

А. Б.