/ Прочитано:

2.473

Рекорден број учесници на Адвокатските спортски игри 2018

Викендов во Струмица се одржаа Адвокатските спортски игри 2018 година. На почетокот на спортските игри, на кои имаше рекорден број учесници, адвокатите истакнаа дека деновите на спортските игри симболично ја изразуваат сплотеноста на адвокатката заедница, негувањето на солидарноста и почитувањето на фер играта.

Овие вредности на кои се темели и адвокатурата ги нагласи и претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Љубомир Михајловски, кој, поздравувајќи го започнувањето на традиционалните игри, им посака успех на адвокатите учесници на спортскиот настан.

На настанот адвокатите истакнаа дека игрите претставуваат одлична можност да се видат со колегите, да спортуваат, да се дружат, но и да зборуваат за својата професија.

Искажувајќи ја благодарноста до стручната служба и до раководството на Адвокатската комора за одлично организираниот настан, адвокатите нагласија дека поминале убави спортски моменти во Струмица.

„Како и секоја година, така и на овие игри истакнуваме дека суштината на игрите се заснова врз максимата дека најважно е да се учествува и да се негува спортскиот дух“, истакнаа адвокатите.

Најуспешните екипи на Адвокатските спортски игри добија пехари, кои ги врачи претседателот на АКРМ, кој во своето обраќање го истакна значењето на настанот особено од аспектот на колегигајлноста, соработката и солидарноста во адвокатурата како професија и прв заштитник на човековите права.

Во финалето во дисциплината фудбал (мажи) играа екипите од Прилеп и Охрид, а победник беше екипата од Прилеп.

Во финалето во дисциплината баскет (мажи) играа екипите од Охрид и Гостивар, а победник беше екипата од Гостивар.

Во дисциплината баскет (жени) победник е Гордана Митовска од Скопје, а во дисциплините шах (жени) и пинг-понг (жени) победник е Дијана Ташкова, исто така, од Скопје.

Во дисциплината пинг-понг (мажи) победник е Никола Арсовски од Скопје. Во дисциплината шах (мажи) победник е Мишел Силјаноски од Охрид.

За најкорисен играч, односно МВП, на Адвокатските спортски игри беше прогласен Глигор Ќатоски од Струга, а за ферплеј играч беше прогласен Дарко Георгиев од Скопје.

М.В