/ Прочитано:

983

Резултатите и предизвиците на осигурителниот сектор

Минатата 2017 година беше релативно успешна за осигурителната индустрија во Република Македонија. Осигурителниот сектор забележа раст во однос на бруто-полисираната премија (БПП) и бројот на продадени договори за осигурување, и покрај тоа што растот беше поумерен во однос на претходната година, што се должи пред сè на сè уште присутното влијание на ризици од неекономска природа во текот на 2017 година, истакна д-р Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на прес-конференцијата на Стопанската комора на Македонија за резултатите и предизвиците на  осигурителниот сектор во земјата.

Д-р Климе Попоски образложи дека позитивниот тренд е забележан во однос на порастот на капиталот, пораст на активата и на финансиските вложувања како дел од активата. Од друга страна, друштвата на агрегатна основа забележуваат пад на остварената добивка од работењето, иако поединечните резултати се премногу хетерогени за да се извлече заклучок за општ пад на профитабилноста.

Во текот на 2017 година друштвата за осигурување склучиле 1.385.676 договори, при што се забележува пораст од 7,19 % во однос на 2016 година, кога беа склучени 1.292.749 договори. Од вкупниот број склучени договори, 1.368.439 полиси се во рамките на неживотно осигурување, што претставува пораст за 7,65 % во однос на бројот на полисите во 2016 година, додека 17.183 се полиси за осигурување на живот, односно зголемување од 25,12 % во споредба со 2016 година (2016 година: 13.733 полиси).

Најзначајна категорија е задолжителното осигурување од автоодговорност (АО) со учество од 45,24 %. БПП за оваа класа на осигурување изнесува 4,07 милијарди денари (2016 година: 3,86 милијарди денари) и во споредба со 2016 година бележи пораст од 5,47 %.

Втора поголема категорија претставува осигурувањето на имот со 15,97 % учество. Трето по големина неживотно осигурување претставува доброволното осигурување на патнички возила (каско), кое учествува со 8,41 % во вкупната БПП. Во овој сегмент, во 2017 година се забележува пад од 0,28 % со БПП од 756,34 милиони денари (2016 година: 758,47 милиони денари).

„На нашиот пазар и натаму доминира задолжителното осигурување од автоодговорност. За да го реализираме големиот потенцијал на незадолжителните класи, каде што треба да биде нашиот фокус, неопходно е токму ние, осигурителните компании, да го едуцираме пазарот. Од нас зависи колку ќе успееме да ги приближиме осигурителните производи до јавноста и до потенцијалните клиенти, колку ќе успееме да придонесеме да се надминат одредени ставови за осигурувањето. Предрасудите дека осигурувањето е скапо, како и дека не е неопходно, многу често ги оставаат граѓаните незаштитени и наша должност е да придонесеме ваквите предрасуди да се надминат“, истакна Ѓорѓе Војновиќ, претседател на Здружението на осигурувањето.

Војновиќ посочи дека како Здружение поднеле и иницијатива за одредени измени на Нацрт-законот за јавни набавки, меѓу кои се и предлозите поврзани со гаранции на понудата, имајќи ги предвид компаративните законски решенија на некои земји од соседството кои се членки на Европската Унија, а со цел да овозможиме што подобри услови за развој на осигурителната индустрија.

M.В