/Прочитано:

983

РОНАЛД ДВОРКИН, адвокат и правен филозоф: „Правото е конзистентен збир на правила поврзан со моралните начела“

Роналд Дворкин (1931 – 2013) е еден од најчитаните американски правни научници и филозофи, основоположник на интегративната теорија на правото и еден од највлијателните современи правни теоретичари, познат по своето цврсто верување во етичките вредности, еднаквоста и човековите права.

Роналд Дворкин своето правничко образование го стекнал на Харвард и Оксфорд, каде и продолжил да работи како професор, наследувајќи го Херберт Харт (1907–1992), кој, пак, бил негов професор. Пред да започне да предава на Оксфорд, Дворкин работел како судски службеник и адвокат. Годините поминати низ практичната работа во правосудството, непосредно му помагаат да ја оформи својата правна теорија и филозофија, чиј клучен домен е моралниот интегритет.

Со таквиот спој на теоријата и праксата, Дворкин осознал дека границата помеѓу теоријата и практиката не значи строга детерминираност, туку напротив, креативна взаемност. Тргнувајќи од таквиот постулат, Дворкин го развил својот теоретски и правнофилозофски концепт, кој го изградил, првенствено, врз основа на сфаќањето и учењето дека дека правото и  законот треба да бидат втемелени на моралниот интегритет и разбирањето на етичката идеја. Запознавањето на правото им дава дава одговор на луѓето за тоа какви се тие, сугерира Дворкин, истакнувајќи:

„Правото нас не интересира, не само затоа што го користиме за сопствени цели, себични или великодушни, туку затоа што тоа е нашата најуредена и најсликовита институција. Ако подобро ја разбереме природата на нашето право, подобро ќе дознаеме какви луѓе сме самите ние“

Според Дворкин, теоријата на правото не може да биде изолирана од практичното дејствување, туку теоријата може да биде интерпретација на практиката. Според неговата теорија, правото е се што произлегува од конструктивното толкување на институционалната правна историја, односно на континуираното правно наследство. Правото не претставува само некој апстрактен збир на норми одделен од моралот, туку конзистентен збир на правила изведен и поврзан со моралните начела. Толкувањето на правните норми се однесува на правото како целина, а тоа значи дека тоа треба да се раководи од примената на моралните начела над конкретни факти и настани, во согласност со законодавството и правната пракса.

Дворкин, поаѓајќи од дескриптивистичката опсервација, истакнува дека моралните начела се нужни за правилно опишување на правната пракса, што не е случај со правниот позитивизам. Но тоа не значи создавање на теориски „антагонизам и судир“ помеѓу сфаќањата за правото, туку несогласност околу неговата моралност. Затоа и правото претставува интерпретациски поим, додека пак, еднаквоста, одговорноста и достоинството – се највисоките етичко-вредносни судови.

Моралноста не е изолирана од правото и затоа моралните принципи оригинерно се составен дел од позитивното право. Истото, во државно-правна смисла, се однесува и за правото на еднаквост, кое е суштинска слика за поставеноста на државната власт. Правото, вели Дворкин, има цел да ја ограничи државната власт и да постави услови под кои вршењето на нејзината принуда ќе биде оправдано. Државата треба да ја почитува еднаквоста и да делува кон луѓето подеднакво и непристрасно, почитувајќи ги индивидуалните права, а тоа говори за „искреноста на државната власт“, што пак е нејзин етички атрибут.

Според Дворкин, темелот на правото се моралните вредности засновани на разумот, достоинството и самопочитувањето, но тоа никако не е крутиот авторитет на државната власт.  Етичкиот индивидуализам, вели Дворкин, го чини човековото достоинство.

Оттука и судската власт, како дел од државната власт, кон правото треба да гледа низ призмата на моралната визија и преку коцептот на правдата и моралноста, имено кон етичкиот индивидуализам како интерес на граѓанинот. На тие основи судиите треба да ги засноваат своите одлуки, кои понатаму ја креираат судската пракса, заснована на „моралните начела“. Една од суштинските карактеристики на филозофијата на Роналд Дврокин, односно на неговата интергративна теорија на правото, е токму толкувањето на правото како „право кое го созадава судијата“ во рамки на водењето на постапката и донесувањето на пресудата. Правото не се сведува само на правилата и нормите, затоа што тогаш судските одлуки можат да се сведат само на нив, а тие може да бидат противречни, непотполни, спротивставени. Имено,  нормите често се „несовршени“. Во таков случај, се говори за „тешки случаи“, наспроти „лесните случаи“, во кои судијата го применува она што е утврдено како јасно и непротвречно правило.

„Во тешките случаи сидијата е присилен повеќе да толкува, отколку непосредно да ги применува правните правила и зато е потребна општа теорија на толкувањето на правото“, вели Дворкин.

Познатиот правен филозоф додава дека и за правните празнини и противречности, секогаш може да  се најде соодветен одговор, но само ако се анализира и толкува правото како целина.  Низ таа призма, низ толкувањето на правото како целина, секогаш за правната празнина може да се пронајде соодветно правно начело, морален стандард или судски преседан.

Дворкин посочува дека и низ судската пракса е присутна, како што тој тоа го нарекува, теориска несогласност за правото, кога помеѓу судиите и адвокатите постои несогласност околу точноста на некоја законска одредба, законска основа и примената на таа основа во одреден случај. Со упатувањето кон таквата „несогласност“, Дворкин всушност посочува кон слабоста на строгиот формализам, што е во спротивност правдата и етиката, но и со правичноста како отстапка од доследното почитување позитивизмот и формализмот. Правичноста и етичноста како отстапка  од формализмот, во дадени ситуации значат остварување на целите на правдата, во името на „правична и фер пресуда“.

„Како е можно луѓето кои пред себе имаат текст на закон, да не се согласат за тоа што всушност тој навистина значи и за тоа какво право создава? Нужно е да се направи разлика помеѓу двете значења на поимот „закон“. Тој може да е документ на кој се напишани зборови на хартија,  оние зборови кои пред себе ги имале членовите на Парламентот кога со гласање го усвоиле тој документ. Но, тоа означува и правото кое е создадено со усвојувањето на тој документ, што да се опише, можеби е малку посложено“, вели Дворкин.

Токму во посочувањето на „сложеноста“преку елаборацијата за содавањето на правото, Дворкин упатува и критика кон правниот позитивизам, затоа што, како што вели, тој не посветува внимание на социолошките и моралните аспекти на правото, а со тоа и на законите и нивното правично применување и толкување низ правораздавањето.

Затоа според Дворкин, а тргнувајќи од интерпретативниот дискурс на правото,  моралниот карактер на некој настан, акт или личност, може објективно да биде вистинит. Постои вистинитост, без разлика на субјективното чувство, затоа што тоа е морално начело како општа етичка вредност. Објективно вистинити тврдења се можни во сите области – во правото, во етиката, во моралот, во естетиката. „Геноцидот е погрешен –  не само затоа  што ние мислиме дека е погрешен“, се аргументира во интегративната теорија на правото, чиј основоположник е Роналд Дворкин.

Ваквиот тип на аргументации кои се својствени за правната теорија на Дворкин, говорат за несомнениот изразен начин на аргументирање кои ги поседувал познатиот научник, професор, адвокат и филозоф. Роналд Дворокин е познат по неговата извонредна реторика, просветителскиот начин на изложување на ставовите и филозофско дебатирање засновани врз вредностите на „старата“ филозофија. Неговата „нова“ филозофија денес претставува импресивен  филозофски „систем на вредности“, за кој, како што велат неговите студенти и соговорници, секогаш кога имаше жесток дијалог, излегуваше како победник.

М.В /veljanoskim@akademik.mk

 20.10.2015