/ Прочитано:

1.341

РСБСП: „Безбедни училишта – безбедни првачиња“

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и „Триглав осигурување“ започнуваат со реализација на сообраќајно-превентивната акција „Безбедни училишта – безбедни првачиња“.

Акцијата „Безбедни училишта – безбедни првачиња“ започна во ОУ „Коле Канински“ во Битола, а ќе се реализира во повеќе од 20 општини, и во рамките на акцијата ќе бидат организирани голем број сообраќајно-превентивни и едукативни активности и настани.

Сликата на сообраќаен метеж во близина на училиштата и градинките е секојдневие во кое живееме. Со тоа всушност и децата секојдневно се изложени на потенцијални ризици и опасности кои ја загрозуваат нивната безбедност во сообраќајот. Имајќи го предвид овој факт и статистичките податоци,  на иницијатива на РСБСП, а со поддршка на „Триглав осигурување“, како општествено одговорна компанија, која се грижи за заедничко добро на сите граѓани, изработени се 4.000 флуоресцентни безбедносни елечиња, кои ќе им бидат доделени на учениците од прво одделение.

Покрај флуоресцентни безбедносни елечиња, кои ќе бидат дистрибуирани за учениците од прво одделение со цел поголема видливост во сообраќајот, во рамки на превентивната акција ќе бидат организирани и едукативни предавања со цел едукација и запознавање на децата првачиња со основните правила и прописи во сообраќајот и нивно оспособување за препознавање на ризикот и опасностите во сообраќајот. Јавните настани и едукативните предавања, кои ќе бидат организирани во повеќе од 50 училишта во Република Македонија, ќе бидат надополнети со повеќе сообраќајно едукативни материјали – боенки, распоред за часови, сообраќајна лектира и др.

Превентивно-едукативната акција за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе биде реализирана на интересен и креативен начин со цел децата преку забава и игра да ги научат основите на сообраќајот и основите на доброто сообраќајно поведение.

Сообраќајна едукација на децата од најрана возраст е основниот начин за долгорочно и трајно подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.  Грижата за безбедноста на децата е најмалку што можеме да направиме за нив.

Сепак, децата се само деца,  а заедничка одговорност на сите општествени чинители е да се грижиме за безбедноста на децата во сообраќајот, да ги едуцираме, но, пред сѐ, да бидеме внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и на тој начин да покажеме колку многу тие ни значат.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и „Триглав осигурување“ ве потсетуваат безбедно и одговорно да учествувате во сообраќајот и да внимавате на најмладите учесници.

„Да ги заштитиме децата во сообраќајот. Безбедни училишта – безбедни првачиња.“