/ Прочитано:

5.860

РСБСП: Одговорноста на возачите за безбедноста на пешаците во сообраќајот

„Одговорното управување со возилата од страна на возачите и свесното и одговорно движење на пешаците се клучот за безбедно учество во сообраќајот. Само на тој начин улиците и патиштата ќе бидат безбедно место за нормално движење, функционирање и извршување на секојдневните обврски на сите учесници во сообраќајот“, потенцира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во 2016 година, во Република Македонија 35 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, додека 871 лице-пешaци биле повредени во сообраќајни незгоди. Од загинатите пешаци, 1 лице  е на возраст до 14 години, 3 лица на возраст од 25 до 40 години,  14 лица на возраст од 41 до 64 години и 17 лица на возраст над 65 години, информира денеска Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Одговорноста на возачите за безбедноста на пешаците во сообраќајот е од исклучително значење. За нивните обврски  и нивниот однос кон пешаците, РСБСП потсетува на најважните правила и прописи кои возачите треба секогаш да ги практикуваат:

Возачот е должен да обрне посебно внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот.

Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин.

Возачот е должен секогаш да ги препушти пешаците кои стапнале на пешачкиот премин.

Возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин.

Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или паркира возило на обележан пешачки премин на оддалеченост помала од десет метри од пешачкиот премин.

Возачот кој со возило се вклучува во сообраќај на јавен пат или на друга сообраќајна површина (излегување на возилото од гаража, двор, паркиралиште, стојалиште итн.) е должен да ги пропушти сите возила и пешаци кои се движат на патот, односно по сообраќајна површина на која се вклучува.

Возачот кој со возило преминува преку површина наменета за движење на пешаци (движење преку тротоар или пешачка патека) не смее да го загрозува или попречува движењето на пешаците.

Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ги загрозувало безбедноста  и движењето на пешаците (пр. на тротоар).

На  посебно уредена сообраќајна површина (тротоар, пешачка патека) наменета за движење на пешаци, забрането е да се остават возила кои поради оштетеност, односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила, камп-приколки и слично).

„Зона на смирен сообраќај“ е подрачје во населено место обележано со пропишан сообраќаен знак, во кое возилата не смеат да се движат со брзина поголема од брзината на движење на пешаците и во кое нема ограничувања на играта за деца.

Ако на семафорот на крстосница му е додаден еден или повеќе дополнителни знаци во форма на зелена светлечка стрелка, возачот може да се движи во правецот означен со зелената светлечка стрелка и за времето додека е запалено црвеното или жолтото светло на семафорот, при што не смее да го попречува сообраќајот на возилата што се движат по патот на кој влегува и задолжително треба да ги пропушти пешаците кои преминуваат преку коловозот.

Возачот кој свртува на страничен пат на чиј влез не постои обележан пешачки премин е должен свртувањето да го изврши со намалена брзина и да ги пропушти пешаците кои веќе стапиле на коловозот.

Возач кој се движи со возило по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето за да не ги прска пешаците и другите учесници во сообраќајот.

„Одговорното управување со возилата од страна на возачите и свесното и одговорно движење на пешаците се клучот за безбедно учество во сообраќајот. Само на тој начин улиците и патиштата ќе бидат безбедно место за нормално движење, функционирање и извршување на секојдневните обврски на сите учесници во сообраќајот“, нагласува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

А. Б.