/ Прочитано:

2.120

Се подготвуваат измени на Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа

На состанокот на Групацијата за безбедност и здравје при работа се расправаше за изменување и дополнување на Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа. На состанокот беше посочено дека  во подготовка е и измената на Правилникот за овластување стручни лица. На состанокот се заклучи, по усвојување на измените и дополнувањата на овој правилник, со образложение да се достават до Министерството за труд и социјална политика.

Членките на Групацијата констатираа дека на 20 јануари 2014 година во „Службен весник на РМ“ е објавен Правилникот за висината на трошоците за извршување стручни работи за безбедност при работа под бр. 10/2014, донесен од страна на министерот за труд и социјална политика, а врз основа на чл. 45, став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа.

Со Правилникот се пропишува висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи. Првичната цел што требало да се постигне со примената на одредбите од овој правилник била да се унифицираат надоместоците што ги исплатуваат работодавачите кои, во согласност со Законот, се одговорни да ги спроведуваат законските барања за услугите од страна на овластените правни субјекти за вршење стручни работи за безбедност при работа.

Се констатира дека периодот на имплементација на овој правилник во пракса, уште на почетокот покажа дека унифицираните цени за услугите не се реални и дека не треба да има нивно унифицирање, односно дека висината на цената мора да биде во правопропорционален однос со обемот и сложеноста на услугата што се испорачува, а сè во зависност од специфичноста на дејноста на работодавачот, односно на компанијата во која се извршува.

„Имено, ако говориме за услугата – обука на вработените за безбедност и здравје при работа, потребното време и потребните човечки ресурси за подготовка на: програма за обука, презентација за обука, тестови за проверка на стекнати знаења, за спроведување на теоретскиот и практичниот дел на обуката, за евалуација на обуката, за изготвување документација од спроведената обука, во голема мера варираат од едно до друго работно место. Не е исто да се спроведе обука за безбедност и здравје при работа на административен работник и обука за безбедност и здравје при работа на висина на инсталатер на телекомуникациска опрема.

Ако се зборува за услугата – изработка на проценка на ризик, потребното време и потребните човечки ресурси за увид на самото место, снимање на работното место и работните задачи на вработените, разговор/анкета со вработените, увид во постојната документација (на пример, спроведени здравствени прегледи, повреди во изминат период, важечки стручни наоди од спроведени прегледи и испитувања на средствата  за работа, на условите во работната средина – микроклима, осветлување, хемиски штетности и друго) за давање приказ на технолошкиот и работниот процес, опис на средствата за работа и опис на средствата и опремата за лична заштита при работа, спроведување, препознавање и утврдување на опасности и штетности на работното место и работната средина, одредувањето на нивото на ризик, утврдување на начинот и мерките отстранување, намалување или спречување на ризикот, апсолутно е различно за работното место административен работник и за работното место инсталатер на телекомуникациска опрема“, беше констатирано на состанокот.

Поради причините наведени погоре, истакнуваат од Групацијата, примената на овој правилник води кон намалување на квалитетот на услугите кои се испорачуваат од страна на стручните лица и овластени компании, а секако и кон деградирање на инженерскиот кадар – стручните лица за безбедност при работа.

„Всушност, со унифицирање на висината на цените за услугите се врши директен атак на главната цел на Законот за безбедност и здравје при работа, а тоа е воведување мерки кои ќе поттикнат подобрување на безбедноста и здравјето при работа“, додаваат од Групацијата.

M.В