/Прочитано:

720

Се подготвуваат измени на Законот за финансиската полиција заради усогласување со Законот за кривичната постапка

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиската полиција. Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансиската полиција се врши усогласување со Законот за кривичната постапка во делот на класификацијата на работните места на овластените службени лица во УФП, како и усогласување на статусот на финансиските полицајци со овластените службени лица вработени во МВР.

Дополнително, посочуваат од Министерството, се врши усогласување со Законот за класифицирани информации во делот на обезбедување заштита од безбедносен ризик. Поради обезбедување независност и ефикасност на УФП, потребно е да се зголемат и да се зајакнат надлежностите на директорот.

Целта на Законот е воведување нова категорија В на работни места, во согласност со членот 161, став 4 од Законот за кривичната постапка, усогласување на статусот на финансиските полицајци со овластените службени лица вработени во МВР, зголемување и зајакнување на надлежностите на директорот на Управата за финансиска полиција, дополнување на условите за вработување во правец на обезбедување заштита од безбедносен ризик и обезбедување непристрасност и објективност во постапувањето во случаите кога постои сомнение дека се сторени кривични дела од страна на лицата со полициски овластувања.

M.В