/ Прочитано:

1.306

Се подготвуваат измени на Законот за прекин на бременоста

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој денеска учествуваше на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“, во организација на Македонското лекарско друштво, информираше дека е во тек подготовка на нов Закон за прекин на бременоста, со кој на жената ѝ се дава можност за слободен избор за абортус до 12-тата недела, во консултација со матичниот гинеколог.

Министерот за здравство образложи дека направиле неколку измени во Законот кои се усогласени со Министерството за труд и социјална политика. Како што посочи понатаму министерот, слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оцена на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.

По наполнување на 22 гестациска недела ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи процена за одобрување прекин на бременост. Таа комисија, освен од гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот, жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти.

Министерот Филипче истакна дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да ѝ го одземе.

„Она што е ново и што го немаше во досегашниот закон е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Нацрт-верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство,со МТСП и со невладините организации“, додаде Филипче.

Со Законот за прекин на бременоста се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременостa, постапката за одобрување на прекинување на бременостa, условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи за вршење на постапка за прекинување на бременостa и надзорот над условите и постапката за прекинување на бременоста.

М.В