/ Прочитано:

1.701

„Секогаш се борев да го бранам човекот, а не кривичното дело“ – адвокатот Тома Фила прогласен за почесен доктор на науки

Денеска, во рамките на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, за особениот придонес во правото и за развојот и угледот на адвокатската професија, адвокатот Тома Фила беше прогласен за почесен доктор на науки (Doctor Honoris Causa). Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од денеска слави 37 години од денот на основањето, празник кој се совпаѓа со одбележувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на патронот Св. Климент Охридски.

slika

Адвокатот Тома Фила и проф. д-р Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

Од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола велат дека признанието за познатиот адвокат, со потекло од Битола, е заради неговиот особен придонес во областа на правото и му се доделува на денот кога се одбележува основањето на вториот македонски универзитет, кој со својот досегашен развој претставува значајна алка во синџирот достигнувања во образовната, научната и културната архитектура на современото македонско општество.

„Да се одбележува годишнина на Универзитет, покрај силната симболика што го придружува настанот претставува и убава можност да се запрашаме за некои аспекти на она што треба во иднина да го градиме. Добро е да веруваме во илјадниците млади луѓе, студенти коишто во нашиот систем треба да добијат поттик да градат модерно општество“, рече ректорот на Универзитетот, проф. д-р Сашо Коруновски.

„Македонија е мојата татковина“

Адвокатот Тома Фила истакна дека многу е благодарен за признанието што му се доделува токму во неговиот роден крај, нагласувајќи дека тоа е врв на неговата кариера. Тој најави и фондација на неговата канцеларија во Битола која би функционирала во интерес на студентите и Универзитетот.

„Многу сум благодарен што тоа се случува во мојот роден крај и не само да пееме „Битола мој роден крај“, туку и да уживаме во мојот роден крај. Ова е прекрасен град, град во кој неговите жители успеаја да го внесат европскиот дух на Балканот. Моето семејство е од Битола. Јас никогаш не го заборавив своето потекло и знам дека човек без корен нема своја вредност, а мојот корен е овде во Битола. Србија е мојот дом, но Македонија е мојата татковина“, рече Фила, додавајќи дека  никогаш не се откажал од потеклото ниту пак од македонското државјанство, а сепак бил избран за претседател на Адвокатската комора на Србија.

„Секогаш се борев да го бранам човекот, а не кривичното дело“, нагласи адвокатот и почесен доктор на науки Тома Фила, потенцирајќи дека титулата му ја посветува на својот татко, познатиот адвокат и борец за човекови права Филота Фила.

„Мојата единствена вистинска љубов е адвокатурата. Јас никогаш не мислев, а  и сега не мислам дека адвокатурата е занимање. Адвокатурата е начин на живеење, „цел човек“, рече еден од најпознатите балкански адвокати.

Владо Камбовски: Тома Фила е еден од најзначајните правни мислители

„Тома Фила е еден од најзначајните правни мислители и логичари на овие простори, кој низ адвокатската професија едуцирал многу генерации. Посебно е важно што Фила е и интимно поврзан со градот Битола, како негово родно место“, истакна на денешниот настан академикот Владо Камбовски, како претседател на Комисијата за доделување на  титулата.

Од Адвокатската заедница Битола, која е вклучена и како коорганизатор на промоцијата на книгата од Тома Фила „Завршна Реч“, велат дека доделувањето на титулата на адвокатот Фила претставува и признание за адвокатурата како дејност, а особено за Битола како град на адвокатурата.

Горди сме, велат битолските адвокати, што токму адвокат ја добива оваа титула што е признание за нашата професија, олицетворена преку постигнувањата на  адвокатот Тома Фила.

Никола Главинче: Големо признание за адвокатурата 

„Она што е посебно значајно во оваа насока е што во Македонија за првпат еден адвокатот на овие простори добива ваква академска титула. Тоа е и големо признание за адвокатурата и за нејзиното значење во развојот на правната наука. Посебно е важно што адвокатурата се доведува до ранг на научна дисциплина, што, пак, укажува за нејзиното место и за улогата во општеството, не само од аспект на заштита на човековите права, туку и од поширок аспект за нејзината клучна улога за правната држава, но и за правната едукација“, вели претседателот на Адвокатската заедница во Битола, Никола Главинче.

Од Адвокатската заедница на Битола истакнуваат дека, покрај доделувањето на академската титула на адвокатот Тома Фила, денеска ќе биде одржана и промоција на неговата  книга „Завршна реч“. Книгата ќе ја промовира познатиот српски професор и меѓународен судија д-р Миленко Креќа од Белград.

Од најмлад адвокат во Југославија до легенда на балканската адвокатура

Адвокатот Тома Фила, кој често нагласува дека се гордее со Македонија, за која вели дека е неговата татковина,  роден  е  1941 година, во Битола. Син е на истакнатиот правник, адвокат и борец за правда Филота Фила. Средното образование и правните студии ги завршил во Белград. Дипломирал во 1963 година, а во 1967 година станал најмлад адвокат во Југославија.

Тома Фила бил секретар на Адвокатската комора, член на Советот на Правниот факултет во Белград, седумнаесет години бил член на уредувачкиот колегиум на многу стручни списанија. Во јавноста стана познат како адвокат на луѓе обвинети за најтешки кривични дела, меѓу кои се и голем број луѓе обвинети за дела за кои следувала најстрога казна; бранел десет такви клиенти, а извршена е само една пресуда. Тома Фила двапати беше предавач на конференциите на Академик посветени на правните ризици.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

Адвокатот Тома Фила – почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“

ДЕНОВИ НА ИНСПИРАЦИЈА И НОВА ПРАВНА МИСЛА: Конференција за управување со правни ризици, Скопје, 2014

ИДЕИ ШТО СЕ ИДНИНА НА ПРАВОТО: Импресии од Меѓународната конференција „Управување со правни ризици: Правна етика и естетика“